Нов ребаланс затоа што нема пари за плати и пензии — следуваат нови долгови за граѓаните

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Се случува тоа што го најавивме.

Нов ребаланс на Буџетот само по два месеци од последниот. Тоа ја потврдува катастрофалната состојба на државната каса и дебаклот на економските политики на Мицкоски.

Буџетската дупка е огромна, 900 милиони евра. Владата нема доволно пари за плати, пензии и тековни обврски. Следуваат нови долгови врз грбот на народот.

Веќе Владата се задолжи со нови 250 милиони евра, за буџетски потреби до крајот на годината. Не за враќање стари кредити, не за развојни инвестиции, туку за покривање на недостигот во државната каса.

Тоа е резултатот од економските политики на Мицкоски: Буџет што се полни со кредити, додека граѓаните слушаат бајки за економски успеси.

Бајките на Мицкоски за „трета економија во Европа“ паднаа во вода.

Дефицитот во Буџетот е 900 милиони евра, дупката во ПИОМ достигна една милијарда евра. Наместо да обезбеди стабилни приходи и одговорно трошење, Владата трупа долгови за да ги покрива основните обврски.

Со новото задолжување јавниот долг достигнува 11 милијарди евра, а со долговите кон ЈПДП и другите јавни претпријатија надминува 63% од БДП.

Должничко ропство. Мицкоски го зголеми долгот за 4 милијарди евра, само за две години. Половина од вкупниот долг на државата во изминатите 30 години.

Кредитот не е приход, туку тешка обврска што ќе ја враќаат граѓаните, работниците и следните генерации.