„Борбата за Македонија е борба против фашизмот и фашистичките методи на владеење“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од маршот „Непокор. Борба. Иднина“ во Прилеп, по повод 85 години од Народното востание и Антифашистичката борба.
Филипче посочи дека СДСМ е наследник на државотворните политики на партизаните и вредностите на антифашистичката борба, нагласувајќи дека денес повторно постои обврска за борба за слобода, правда и вистина.
„Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот“, рече Филипче.
Филипче од Прилеп порача дека борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда, но и борба против корупцијата и криминалот.
„Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда. Борбата за Македонија денеска е против корупцијата и криминалот на арамиите на власт. Борбата за Македонија, денеска е борба против нејзина распродажба. За рудници, вода, земја и дата-центри. Арамиите на власт сè ќе стават на распродажба за туѓи профити и за провизии“, рече Филипче.
Тој нагласи дека борбата против криминалната власт бара храброст, истрајност и одговорност, додавајќи дека СДСМ ја води со демократски средства, преку вистината, јавниот збор и гласот на граѓаните.
„Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните.
Верувам дека државата ја покажува својата сила преку грижата за граѓаните, преку достапното здравство, доброто образование, сигурноста на работникот и достоинството на пензионерот. Оваа криминална власт, таа грижа ја поткопува. Арамијата на власт не се грижи за народот, се грижи само за своите лични интереси.
Ги троши ресурсите, ја разорува довербата и ги остава чесните луѓе да ја плаќаат цената. 85 години по првата пушка, секоја генерација мора да одговори на прашањето. Што ние ќе направиме за Македонија? Затоа нашата политичка задача е јасна. Да ја победиме таа политика и да создадеме власт што ќе им служи и што ќе одговара пред граѓаните“, рече Филипче.
Тој нагласи дека борбата за Македонија е и борба за подобар живот на работниците, наставниците, лекарите, земјоделците, младите и пензионерите, посочувајќи дека земјоделците и тутунарите заслужуваат институционална поддршка и достоинствен третман.
„Борбата за Македонија денеска е борба за работниците, за подобар стандард, за подобар живот, за наставниците, за лекарите, за земјоделците, за младите, за пензионерите. Борбата за Македонија денес е борба за земјоделците и овде во Прилепско. Добро се знае колку пот, грижа и неизвесност има во земјоделскиот труд. Тутунарите и сите што ја обработуваат земјата заслужуваат држава што стои покрај нив“, порача Филипче.
Линк до видеото :




