Македонското земјоделство се наоѓа во катастрофална состојба, земјоделците се соочуваат со ниски откупни цени, високи производствени трошоци и неизвесен пласман, а сè повеќе производители се откажуваат од земјоделството, нагласи пратеникот од СДСМ, Миле Талески, на денешната собраниска седница во образложението на предлог – Законот за финансиска поддршка на земјоделство, што беше поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата. Талески порача дека за ваквата состојба во земјоделството директна одговорност има ВМРО и премиерот Мицкоски, кој ветуваше повисоки субвенции, сигурен пласман и подобар живот за земјоделците, и ништо не исполни – земјоделството колабира.
„Македонското земјоделство денес се соочува и се наоѓа во катастрофална состојба, состојба за која директна политичка одговорност носи ВМРО и претседателот на владата Христијан Мицковски. Ветувавте земјоделска преродба. А донесовте земјоделски пустош. Ветувавте повисоки субвенции, сигурен пласман и подобар живот на земјоделците“, рече Талески.
Тој нагласи дека последиците од политиките на власта директно ги чувствуваат земјоделците, кои вложуваат време, пари и труд, а на крајот произведуваат со загуби. Поради тешката состојба и кризата во која се наоѓаат, земјоделците се принудени да ги напуштаат нивите и да ги уништуваат сопствените насади, што е сериозен сигнал за состојбата во која се наоѓа земјоделството.
„Секојдневно сме сведоци на ниски откупни цени, високи производствени трошоци, неизвесен пласман и доцни исплати. Земјоделецот вложува месеци труд, троши пари за семе, ѓубрива, нафта, препарати, работна сила, а кога ќе дојде време за продажба сфаќа дека производството и она коешто го произведува е со загуба“, рече Талески.
Талески ја посочи дека ВМРО пред избори им ветуваше на тутунарите зголемување на субвенциите и сигурен откуп, а по доаѓањето на власт субвенцијата ја намалеи од 100 на 80 денари.
„Кога бевте опозиција им ветувавте секојдневно дека кога ќе дојдете на власт ќе ја зголемите субвенцијата и дека ќе има сигурен откуп. Кога дојдовте на власт субвенцијата од 100 денари им ја намаливте на 80 денари. Ги излажавте тутунарите, им ветувавте повеќе, но добија уште помалку“, рече Талески.
Тој предупреди на состојбата со лозарите, кои уништуваат лозови насади затоа што производството не им се исплаќа, како и на проблемите со кои се соочуваат производителите на пченица, ориз и сточарите.
„Денес има производители кои ги уништуваат сопствените лозови насади, затоа што трудот не им се исплаќа. Кога човек ќе реши да го искорне лозјето што го одгледувале со години, тоа е јасен показател дека ја изгубил довербата во системот. Да ги погледнеме оризопроизводителите и производителите на пченица кои се соочуваат со откупни цени далеку под производните трошоци. Да ги погледнеме сточарите и млекопроизводителите кои се борат да ги покријат трошоците за храна, одгледување и одржување на фармите. Прашањето едноставно каде е ветената преодба која им ветувавте на земјоделците? Дали некој конечно ќе понесе одговорност за она кое што ги излажавте земјоделците?“, рече Талески.
Во обраќањето Талески посочи СДСМ и коалицијата како одговор на кризата предложија закон за финансиска поддршка за намалување на последиците од економската криза врз земјоделството, сточарството и откупот на земјоделски производи во 2026 година, со кој се предвидуваше вкупна финансиска поддршка од 4 милијарди денари, наменета за повеќе земјоделски и сточарски производства.
Талески ги образложи конкретните мерки, меѓу кои поддршка за лозарите од 8 денари по килограм произведено и продадено грозје од сортите вранец и кратошија, како и 300.000 денари по хектар за евидентирани лозови насади од овие сорти за кои во 2026 година нема реализиран откуп. За пиперката ајварка поддршка од 10 денари по килограм произведена и продадена пиперка и 200.000 денари по хектар засадена површина. Поддршка од 5 денари по килограм пченица, 8.000 денари по грло добиток, 10 денари по килограм произведена и продадена оризова арпа.
„Земјоделците бараат сигурни откупни цени, навремени субвенции, исплатливи производствени услуги и држава што ќе застане зад нив. ВМРО не може да зборува за земјоделска преродба истовремено да гледа како земјоделците ги напуштаат нивите. Лозарите ги уништуваат насадите и производителите се откажуваат од својата егзистенција. Доста е со ветување, доста е со понижување на земјоделците. Време е македонскиот земјоделец да добие почит, сигурност и правична заработка од сопствениот народ “, рече Талески.
По обрзаложувањето од страна на Талески, пратениците на ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН, го одбија предлог- Законот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата за финансиска поддршка на земјоделците, гласаа против, застанаа против земјоделците.
Линк до видеото :



