Соопштение за јавност
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, поради неговото политичко дејствување спротивно на националните и стратешките интереси на Македонија, поврзаноста со српски разузнавачки структури, промовирањето руски и кинески агенди, ширењето навреди и закани, величењето осудени воени злосторници.
Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната прес-конференција посочи дека Стоилковиќ е еден од извршителите на Вучиќ во Владата на Мицкоски, кој наместо да ги застапува интересите на македонските граѓани, промовира политики што ја поткопуваат евроатлантската ориентација на државата.
„Време е за политичка одговорност на еден од извршителите на Вучиќ, на кинеските и руски агенди, за ширењето омраза и величењето воени злосторници“, рече Трајчулески.
Трајчулески потенцираше дека особено загрижува поврзаноста на Стоилковиќ со српски разузнавачки структури, како и неговите јавни настапи и активности поврзани со Русија, кои отвораат сериозни прашања за чии интереси работи како член на македонската Влада.
„Неговата поврзаност со српски разузнавачки структури и неговите јавни настапи и активности поврзани со Русија отвораат сериозно прашање: чии интереси застапува како член на македонската Влада?“, рече Трајчулески.
Тој потсети дека Македонија е членка на НАТО и дека нејзината надворешна политика е усогласена со надворешната политика на Европската Унија, поради што промовирањето спротивни геополитички агенди директно им штети на државните интереси и ја поткопува довербата кај сојузниците.
„Промовирањето спротивни геополитички агенди ја поткопува довербата кај сојузниците и им нанесува штета на нашите национални интереси“, рече Трајчулески.
Во интерпелацијата се отвора и прашањето за патувањето на Стоилковиќ во Кина и неговото настапување во делегацијата на СНС и Вучиќ, како и за содржините со кои се велича Ратко Младиќ, осуден за геноцид. Трајчулески укажа дека величењето осудени воени злосторници и релативизирањето воени злосторства е недозволиво за носител на јавна функција, особено во држава членка на НАТО.
„Луѓе кои величаат осудени воени злосторници и релативизираат воени злосторства не треба и не смеат да извршуваат јавни функцииОсобено што во конкретниот случај постои и кривично дело согласно Кривичниот законик, што се однесуваат на одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“, рече Трајчулески.
Дополнително, интерпелацијата се однесува и на пцуењето, навредите и заканите што Стоилковиќ ги упати во Собранието кон пратениците од опозицијата, вклучително и кон Трајчулески, Фатмир Битиќи и кон пратеничката Арбана Пашоли.
„Министер има обврска да одговара пред Собранието и да ја прифаќа парламентарната критика. Кога на поставени прашања и критики возвраќа со закани, тој го погазува достоинството на институцијата и покажува дека не е достоен за функцијата“, рече Трајчулески.
Тој додаде дека за ваквото однесување Стоилковиќ никогаш не е повикан на одговорност, ниту пак лично се извинил. Затоа, одговорноста мора да се утврди во Собранието, а Мицкоски не може да се крие зад својот министер.
„Стоилковиќ е дел од тој систем. Мицкоски го постави, го задржа и политички го штити.Со оваа интерпелација бараме политичка одговорност и јасен одговор од парламентарното мнозинство: дали ќе го заштитат достоинството на Собранието и државните интереси или ќе го заштитат Стоилковиќ?“, рече Трајчулески.
Линк до видео:



