Молкот на Обвинителството за Алта банка отвора сомнеж дека се штити Мицкоски

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Молкот на Обвинителството за Алта банка ја продлабочува недовербата и отвора сомнеж дека се штити Христијан Мицкоски, рече портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција на партијата.

„Вистината за Алта банка е на виделина. Јавното обвинителство и Ненад Савески нема што повеќе да чекаат, мора веднаш да постапат“, истакна Кузеска.

Таа посочи дека во Србија на Алта банка ѝ е одземена дозволата, отворен е стечај, уапсен е сопственикот Давор Мацура и има истрага за 380 милиони евра, додека во Македонија, како што нагласи, нема никаква реакција од Обвинителството.

„Народот не може да дојде до своите пари, а тие што ја донесоа Алта банка во Македонија, уште договараат и нов сопственик“, рече Кузеска.

Таа потсети на јавното признание на Трајко Славески за консултациите со Мицкоски околу влезот на Алта банка, иако Народната банка треба да биде независна институција. Нагласи дека СДСМ уште во декември 2025 година јавно предупредувал за сомнителниот капитал и за политичката позадина на банката.

Кузеска се осврна и на санкцијата од австрискиот регулатор за Алта Груп, посочувајќи дека Обвинителството мора да испита како е дадена согласноста и дали биле почитувани законските услови за стекнување квалификувано учество во банка.

Дополнително, таа ја посочи одговорноста на Владата и заклучоците поврзани со преземањето акции од страна на Алта банка.

„Покрај сè ова наведено, Владата на Мицкоски носела заклучоци со кои му овозможила на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата“, нагласи Кузеска.

Сите овие околности бараат итно постапување и обезбедување на документацијата за сметките и трансакциите на банката.

„Молкот ја продлабочува недовербата и отвора сомнеж дека се штити Мицкоски“, порача таа.

Кузеска побара истрагата да ги опфати улогата на Мицкоски, постапувањето на Славески, предлогот на Кочоска, владините заклучоци, како и потеклото и текот на парите.

„Доколку Обвинителството не постапи, СДСМ најавува кривични пријави за Алта банка“, истакна Кузеска.

Таа го потсети Савески дека јавниот обвинител мора да биде независен и да работи според Уставот и законите, а со полагањето заклетва му дал збор на народот.

„Савески, часовникот отчукува. Постапете веднаш! Одговорност ќе има!“, порача Кузеска.

Линк до видео: