Христијан или малиот Вучиќ од Македонија – кривични пријави за опозицијата, заштита за Алта банка

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес- конференција нагласи дека Мицкоски по истиот модел на владеење на Вучиќ во Србија, врши притисок врз опозицијата и се обидува да ја замолчи, додека истовремено ја штити банката на Вучиќ – Алта банка. Жерновски посочи дека Мицкоски е исплашен од вистината за Алта банка и затоа, наместо да одговори на отворените прашања за скандалот, се заканува со кривични пријави против раководството на СДСМ.

„Едноставно му нареди, буквално му нареди на Трајко Славески како гувернер да поднесе кривични пријави, не само како гувернер, туку и Народната банка да поднесе кривични пријави против претседателот на партијата, Венко Филипче, против генералниот секретар, против потпретседателот на партијата и против мене. Исто како што беше, значи, внесувањето на Алта банка на Вучиќ во Македонија, така сега се копира однесувањето на Вучиќ во нашата земја. Имаме чист копи-пејст на тоа што го гледавме во Србија. Значи, што можеме да заклучиме? Малиот Вучиќ од Македонија работи по налог на оригиналот од Србија“, рече Жерновски.

Тој посочи дека истото сценарио што во Србија го спроведуваше Вучиќ, се повторува и во случајот со Алта банка во Македонија, каде што прво власта уверуваше дека сè е во ред, а потоа најави дека има заинтересирани купувачи за банката.

„По информациите од обвинителот од Србија дека банката служела како пералница на пари, Славески и Мицкоски рекоа дека кај нас сè е во ред. Се сеќавате. Само што рекоа дека сè е во ред, потоа објавија дека има пет-шест заинтересирани за купување на банката. Чекајте, се поставува прашањето зошто би се продавала банката ако сè е во ред? Кој ќе купи банка којашто е под истрага, чиј сопственик е во притвор, чијшто влез е забранет во Црна Гора, банка којашто е под истрага или банка за којашто Централната банка на Европа изјави дека не сака и не дозволува влез на таквата банка, односно таквите криминални пари во нејзиниот систем затоа што се сомнева во потеклото на парите, односно дека е направено со перење на пари“, рече Жерновски.

Жерновски посочи дека СДСМ не шири паника меѓу граѓаните, туку дека токму постапките и противречните изјави на власта создоа неизвесност и директна штета за граѓаните кои не можат да располагаат со сопствените средства.

„Значи, веднаш по воведувањето на присилната управа, гувернерот Славески рече, цитирам: „Сè е во ред“, но веќе наредниот ден, ако се сеќавате, воведе ограничување од десет илјади денари. Потоа ја воведе присилната управа и им забрани на граѓаните да ги користат средствата, оние пари коишто се неопходни за храна, за лекови и така натаму. Познат модел, истиот под теркот на она што го гледавме во Србија. Што се случуваше кај нас по најавите од Белград дека се вршат сомнителни трансакции за големи износи од Белград преку Скопје во Москва. Тие направија директна штета и вистинска паника предизвикаа меѓу граѓаните. Ете, тоа е паниката којашто вистински беше проширена токму од нив, токму од Мицкоски, токму од Славески“, рече Жерновски.

Линк до видео :