На 13 ноември Скопје беше ослободено, а денеска е заробено од криминална власт

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на Градската организација на СДСМ, Александар Давчевски, на прес- конференција порача дека на 13 ноември 1944 година Скопје беше ослободено, а денес градот е заробен од неспособна и криминална власт на ВРМО. Тој посочи дека градоначалникот на ВМРО, Орце Ѓорѓиевски донесе нефункционалност, сообраќаен хаос, ѓубре, диви депонии и криминал.

„Нефункционален град, сообраќаен хаос, ѓубре и диви депонии, криминал и глутници од кучиња скитници насекаде. Една реченица и само десетина секунди беа доволни за целосно да се опише првата година од мандатот на актуелниот градоначалник. Дваесет и деветте минути празен отчет на Орце беше само очаен обид преку партиски ПР да се покрие тоталниот распад што Скопјани го живеат секојдневно“, рече Давчевски.

Претседателот на Градската организација на СДСМ, Александар Давчевски, посочи дека и покрај поставувањето на 3.300 нови контејнери, Скопје не е почисто. Дивите депонии се враќаат, контејнерите се преполни, а проблемот не се решава со поставување контејнери, туку со редовно собирање на отпадот.

„Не е успех да се постават нови контејнери, туку отпадот редовно да се собира и градот да ни биде чист.Граѓаните чекаат автобуси,линиите не функционираат редовно, а најавите за нови автобуси и дигитални решенија сè уште не се претвораат во резултати. БРТ, за кои се обезбедени 70 милиони евра, повторно се одложила. Скопјани не можат и не заслужуваат да живеат од нови ветувања и нови рокови“, рече Давчевски.

Давчевски предупреди дека по секој пообилен дожд делови од градот се соочуваат со поплавени улици и сообраќаен колапс, што е последица на недоволното одржување и отсуството на системски решенија. Запуштени се и парковите и јавните површини, а контролата на загадувачите речиси и да не постои.

„Каде се 346-те проекти со кои ја барате и добивте довербата од Скопјани? Каде се ветените булевари, катни гаражи и инфраструктурните решенија? Никаде ги нема и само се бараат изговори. И додека проектите доцнат или откажуваат, се отвораат сериозни прашања за трошењето на јавните пари“, рече Давчевски.

Тој додаде дека одговорноста е кај ВМРО, која со години го блокираше градот преку Советот, а денес градоначалникот се фотографира пред инфраструктурни проекти започнати од СДСМ.

„Одговорноста за состојбите не може постојано да се префрла на други и се некој друг да биде виновен за состојбите во градот. Врв на лицемерие е четири години преку Советот да го блокирате градот и да ги држите Скопјани како заложници. За денес градоначалникот бескрупулозно да се слика пред мостовите Михајло Апостолски и Љубљанска и булеварот Борис Трајковски, кои ги почна СДСМ“, рече Давчевски.

Давчевски нагласи дека граѓаните не бараат чуда, туку основни услови за нормално функционирање на градот – чисти улици, редовен јавен превоз, проодни улици, уредени паркови и реализација на ветените проекти.

„И одговорот, за жал, е многу едноставен – не. Градоначалничката функција не е привилегија за политичка себепромоција, туку одговорност за функционирањето на градот. На Скопје и Скопјани не му требаат уште една година најави и оправдувања. Му треба градска власт што ќе работи, ќе решава проблеми и ќе испорачува резултати“, рече Давчевски.

Линк до видео: