Соопштение за јавност
Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата со 161 амандман за општините во рамки на Предлог-буџетот за 2027 година, предлагаат конкретни проекти за подобрување на инфраструктурата и условите за живот на граѓаните. Амандманите опфаќаат изградба на детски градинки, старечки домови, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа, спортски објекти, катни гаражи и паркови.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека овие амандмани се насочени кон реалните потреби на граѓаните и обезбедување рамномерен локален економски развој.
„Поднесуваме вкупно 161 амандман, кои се однесуваат на потребите на граѓаните и на рамномерниот локален економски развој, со фокус пред сè на изградба на старечки домови, детски градинки, катни гаражи, спортски објекти, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа, инфраструктура, паркови и зелени површини, како и значајни проекти за секоја од овие општини“, рече Спасовски.
Тој посочи дека потребата од овие амандмани е уште поголема ако се има предвид дека во Предлог-буџетот за 2027 година се предвидува сериозно намалување на средствата за локална инфраструктура. Притоа, проектите најавувани преку унгарскиот кредит сè уште не се реализирани или се реализирани во мал дел, додека финансиските обврски веќе се исплаќаат преку годишни ануитети.
„Во Предлог-буџетот за 2027 година имаме сериозно намалување на средствата за ваква инфраструктура, имајќи предвид дека досегашните проекти, кои што беа таканаречени проекти од унгарскиот кредит и сè уште не се реализирани или е реализиран мал дел, а финансиските средства се исплаќаат веќе на неколку годишни ануитети“, рече Спасовски.
Спасовски најави дека СДСМ ќе бара сериозна и аргументирана расправа за секој од поднесените амандмани, со образложенија за конкретните потреби на општините и граѓаните.
Тој упати повик до парламентарното мнозинство да ги разгледа предложените решенија и да ги поддржи проектите што одговараат на потребите на граѓаните, без разлика од која политичка партија доаѓаат.
„Сметам дека сите амандмани, без разлика од која политичка партија се поднесени, треба да бидат разгледани. И сметам дека е добро да се прекине практиката којашто оваа влада ја направи, а тоа е да не прифати речиси ниту еден амандман или да прифати некакви безначајни амандмани коишто ги видоизменува на самата седница. А исто така повикувам парламентарното мнозинство да биде на висината на сопствената одговорност и она што е добро за граѓаните да биде поддржано“, рече Спасовски.
Спасовски посочи дека предложениот Буџет за 2027 година не носи развој и не одговара на реалните потреби на граѓаните.
„Според Предлог-буџетот може да се констатира дека и овој буџет е буџет којшто нема развојна компонента. Ако погледнеме дека само 9% се капитални инвестиции наспроти 91% други тековни расходи, покажува дека ќе имаме година во која повторно ќе биде буџет којшто најверојатно ќе претрпи неколку измени и ребаланси. И тоа не заради раст, не заради зголемени приходи во буџетот, туку заради креирање на една општа атмосфера којашто владата ја прави во изминатиот период и оваа буџетска 2026 година, во која ги прикажува работите розово, ги прикажува работите во едно поинакво светло од тоа каква што е реалната состојба“, рече Спасовски.
Линк до видео:


