Прво ММФ, сега и Евростат ги разбија бајките на Мицкоски за „третата економија“

Facebook
Twitter
LinkedIn

Бајките на Христијан Мицкоски за „третата економија“ ги разби прво ММФ, а сега и Евростат, посочи Маја Серафимовска Борозан од СДСМ, осврнувајќи се на најновите податоци за младинската невработеност во Македонија.
„Евростат објави дека Македонија е трета во Европа по младинска невработеност. Имаме дури 29% младинска невработеност во вториот квартал од 2026 година. Речиси секој трет млад човек од работната сила е без работа. Еве ја третата економија во Европа на Мицкоски“, рече Серафимовска Борозан.
Таа посочи дека зад овие бројки стои реалната слика за економската состојба во државата и секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
„Бројките се немилосрдни – за младите што немаат работа, за оние што крпат крај со крај, за оние што гледаат во фрижидерот и во џебот и за оние што сакаат да се иселат од државата. Мицкоски зборува за поевтини станови за млади до 35 години и нула комуналии. А младинската невработеност е 29%. Како да купи стан млад човек кога нема работа ниту плата? Како да гради куќа?“, нагласи Серафимовска Борозан.
Таа додаде дека Владата не покажува грижа ниту за студентите, посочувајќи дека Мицкоски одбива да го зголеми студентскиот оброк, додека министерката Јаневска ги навредува студентите поради нивното незадоволство.
„Пари за криминални тендери има. За младите – нема. Тие треба само да ги враќаат скапите кредити. Криминалните политики на Мицкоски се на директна штета на младите. Колку е лоша економијата сите граѓани гледаат, во своите празни паричници и празни фрижидери. Народот едвај врзува крај со крај, секој месец гледа колку им останува од платата која не стигнува ниту до половина од месецот“, потенцираше Серафимовска Борозан и предупреди на новиот ценовен удар што ги очекува граѓаните.
„Од следната недела стигнува нов ценовен удар. Парното поскапува за дури 7,56%. Трето поскапување од почетокот на годината, вкупно за близу 20%.
Од 1 јануари е најавено и поскапување на струјата. Поскапата струја носи нов притисок врз цените на храната и услугите, а платите на граѓаните не мрдаат. Секогаш кога Христијан Мицкоски ќе најави намалување, следува покачување. Народот во Македонија буквално живее крпен живот, заглавен е во сиромаштија, во брзи кредити, во математики како да преживее.
Според некои проценки 80.000 до 100.000 луѓе кај нас се веќе заглавени со брзи кредити, а вкупниот број е над 200.000.
Ете ја третата економија на Мицкоски. Единствен виновник за оваа катастрофална состојба е Христијан Мицкоски и неговите криминални политики“, порача Серафимовска Борозан.

Линк до видео: