Прес-конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Денеска СДСМ го одржа 25. Конгрес, овој пат, Конгресот, за првпат во партијата но и во државата се одржа дигитално, од далечина, согласно сите мерки и протоколи со цел заштита на јавното здравје.
Горд сум што СДСМ е предводник, авангарда и како одговорна, државотворна партија постави нови стандарди на партиско делување, организација и дигитализација.
За прв пат и голем дел од работата на Конгресот беше достапна за јавноста. Како што можевте да видите Конгресот се одржа во демократска, победничка атмосфера, со аргументирана дебата околу точките на дневниот ред, како што и доликува на најголемата, најсилната и најдинамична политичка партија во Република Северна Македонија.
Дозволете да информирам јавноста за Одлуките донесени на 25. Конгрес на СДСМ.
Усвоен е Извештајот за победата на парламентарните избори оваа 2020 година.
Победите на СДСМ се заеднички победи со граѓаните, со народот, со кој е обезбеден вистинскиот пат и светла иднина на Република Северна Македонија, на сите нејзини граѓани.
СДСМ обединува, СДСМ води напред, СДСМ се менува и затоа и денеска јасно се потврди курсот по кој ја водиме земјата, како верификација на нашите јасни евроатлантски и демократски определби.
Конгресот ги усвои и измените и дополнувањата на Статутот на СДСМ.
Направивме уште еден чекор напред кон поголема демократизација на партијата, унапредување на позициите на жените и младите во СДСМ и дополнително зајакување на партиските комисии.
СДСМ од денеска гордо може да соопшти дека е прва партија во земјава, во регионот и една од ретките партии во Европа и во светот која има целосна родова еднаквост и учество на мажите и жените рамноправно во своите органи и тела на партијата.
Со измените на Статутот ја отвораме и нова демократска можност: за првпат во историјата на државата една политичка партија својот претседател ќе го избира на внатрепартиски, непосредни избори.
Новиот претседател на СДСМ ќе биде избран на директни,непосредни, партиски избори следната година, во првото полугодие кога истекува мандатот на ова раководство.
За Претседател на СДСМ ќе може да се кандидра секој член со најмалку 5 години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас.
Ова е врвен чин на демократизација и пионерски чекор во партиското дејствување во Република Северна Македонија. Пример кој веруваме дека наскоро ќе го следат и другите полиитчки партии.
Ја менуваме и Преамбулата на Статутот. Покрај слободата, еднаквоста и солидарноста кој се основни социјалдемократски вредности и демократијата како цивилизациска вредност, ја додаваме и правдата, како основно обележје на трајната посветеност на нашата партија. Тоа се случи токму денеска на Европскиот денот на правдата.
Воведуваме и Кодекс на однесување на СДСМ.
Вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс на однесување на членовите на СДСМ.
Ние сме нова генерација на политичари која пред себе ја има можноста да креира нов профил на политичари, нова дефиниција за политичар. Политичари кои се водат според етичкиот кодекс, политичари со висок морал, кои сами на себе треба да бидат најсилна контрола.
За прв пат во историјата на партијата, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија се регулираат како трајни и статутарно предвидени форми на организирање.
Претседателите на Форумот на жени и на СДММ и на Градската Организација на СДСМ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас, на сите нивоа соодветно.
Воедно, старосната граница за младите во партијата ја израмнивме во органите на СДСМ и на СДММ соодветно.
За првпат, се формира и Форум на пензионери, кој ќе има за цел да ги мотивира нашите највозрасни членови и да ги искористи нивните капацитети во градење на мерки и политики за унапредување на животот на пензионерите.
Со новиот Статут организациите на СДСМ во другите држави ќе учествуваат во работата на партијата преку свои делегати рамноправно и денеска добија официјално и статутарно признание за нивната долгогодишна несебична помош и нивниот третман во партијата.
Конечно, со измените на статутот, со новиот бренд, црвената боја станува боја на СДСМ. Тоа е бојата на социјалдемократијата, боја што ја остликува нашата енергија, сила и верба во подобра заедничка иднина. Тоа е боја на нашето македонско знаме.
Делегатите на Конгресот денеска изгласаа доверба на органите на СДСМ избрани од Конгресот.
Почитувани,
Ова се Одлуките од денешниот 25. Конгрес на СДСМ, ова се нови стандарди, нови исчекори што како одговорна и државотворна партија ги преземаме.
Нашата партија ја има одговорноста да ги предводи институциите, да ја води државата напред на вистинскиот пат. Пред нас се сериозни предизвици. Есенскиот бран на коронавирсуот е во полн налет и се заканува по нашето здравје, но и по нашата економија.
Како партија предводник на Владата и парламентарното мнознство продолжуваме посветено да работиме на изнаоѓање мерки и решенија кои ќе го заштитат јавното здравје и ќе ја помогнат домашната македонска економија.
Нема време за одмор. Продолжуваме да работиме уште повеќе уште поодговорно и уште подобро, како што ветивме.
Пред нас е период на заокружување на уште една стратешка цел – интеграција во ЕУ преку отворање на првите поглавја и започнување на преговарачкиот процес. Пред нас е практичната реформа во правосудниот систем, пред нас се економските реформи коишто ќе креираат економски развој на државата и кревање на економскиот стандард на граѓаните.
Реформскиот процес кој обезбедува напредок, развој и интеграција продолжува уште позасилено.
Истовремено, ја користам приликата да ги повикам сите политички субјекти, особено ВМРО-ДПМНЕ да ја надмине деструктивната матрица, да престане со дневнополитички калкулации и да се вклучи во процесот на промени.
Време е за работа, за одговорност, време е за посветеност, за граѓаните, за државата.
СДСМ продолжува уште поодговорно, уште поотчено, уште повеќе и уште подобро да работи за граѓаните и државата.