Прес-конференција, Јован Митрески, пратеник од СДСМ
Владата на Република Северна Македонија предводена од СДСМ со пакетот економски мерки директно им помага на работниците, занаетчиите, на малите и средните претпријатија да го пребродат најтешкиот период , кога трпат загуби поради здравствената криза.
Имаме јасна цел во оваа глобална криза, а тоа е спас на секое работно место и на секоја компанија.
На последната седница Владата, преку Развојната банка на Северна Македонија, обезбеди дополнителни 492 милиони денари, односно дополнителни осум милиони евра за директно кредитирање на микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од корона вирусот.
Се реализира и вториот пакет на економски мерки кој вклучува 14.500 денари месечно по вработен, помош за спортисти од 14.500 денари, помош за уметници и паричен надоместок за граѓаните што останале без работа поради кризата.
Државата се грижи и за лицата кои биле дел од неформалната економија и останале без приходи, а се запира и законот за извршување до крајот на јуни.
Со цел да помогнеме во надминување на последицит еод кризата, Владата донесе и Уредба со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година.
Обезбедено е и ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, за правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други компании кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19.
Ова се само мал дел од мерките кои имаат за цел помош на домашните претпријатија, помош за секое работно место.
Се подготвува и нов пакет на суштински мерки и политики кои ќе обезбедат дополнителна помош за домашната економија.
Во изминатите две и пол години создадовме силна и стабилна економија подготвена да се носи и со сериозни економски предзвици како оваа глобална криза.
Со нашето одговорно и домаќинско работење, брзо ќе ја надминеме оваа криза, со што помали последици врз стопанството.