Прес-конференција, Снежана Калевска-Ванчева, пратеничка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Јавната расправа за Законот за јавно обвинителство во Собранието продолжува и денеска.
Од вчерашната дебата јасно се истакна потребата од носење на квалитетно законско решение кое ги зајакнува капацитетите на правната држава.
Како и досега, ВМРО-ДПМНЕ остана доследен противник на Законот. Наместо на страната на правдата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со своето однесување останаа на страната на криминалот.
Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, да имаат професионална и објективна завршница, затоа што то е начин да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Она што е битни и она што ова законско решение го обезбедува е тоа политика да остане надвор од изборот на обвинителите. На тој начин им се остава простор за независно, стручно и објективно постапување.
Сите демократски капацитети во државата и нашите стратешки меѓународни сојузници го поддржуваат законското решение кое обезбедува независност и професионалност на јавните обвинителства.
Законот за јавно обвинителство не е никаков услов пред ЕУ но со неговото донесување создаваме дополнителен аргумент, покажуваме демократски капацитет за градење на силни, независни институции кои ќе се борат против криминалот и корупцијата.
Тоа е важно за државата, за правдата и за сите граѓани.
Убедени сме дека свесноста кај пратениците од важноста за овој Закон е голема и дека по влегувањето во собраниска процедура ќе биде обезбедено потребното мнозинство за негово донесување.