Прес-конференција, Снежана Калевска-Ванчева, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Во наредниот период до распуштањето на Собранието нас пратениците не чекаат сериозни и важни одлуки. Од нашите одлуки зависи иднината на државата, зависи нашиот евроинтеграциски процес и нашето членство во НАТО.
СДСМ како одговорна партија докажа дека интересите на граѓаните ни се на прво место. Покажавме дека сме посветени на владеење на правото и на европската иднина на државата.
Време е и нашите колеги од ВМРО-ДПМНЕ да сфатат дека иднината на нашите граѓани и нашата држава се најважни и конечно да престанат да го штитат криминалот во своите редови и да заборават на тесно партиските интереси.
Предлог законот за јавно обвинителство од утре влегува во собраниска процедура. Закажана е јавна расправа за овој закон, а во наредниот период за законот ќе се расправа и на пленарна седница.
Ниту еден политички субјект нема право да ја држи земјата во заложништво, како што тоа го прави ВМРО ДПМНЕ со Законот за Јавно обвинителство.
Предложеното законско решение го подобрува системот на борба против криминалот и корупцијата и ја гарантира евроатланската интеграција на државата. Токму затоа, никој не смее неосновано и само заради лични цели да го опструира неговото усвојување.
Сите демократски капацитети во државата и нашите стратешки меѓународни сојузници го поддржуваат законското решение кое обезбедува независност и професионалност на јавните обвинителства.
Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, да имаат професионална и објективна завршница, затоа што само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Политиката мора да остане надвор од изборот на обвинителите за да им се остави простор за независно, стручно и објективно постапување, а тоа ќе го постигнеме само ако го донесеме законот.
Никогаш нема да прифатиме пазар за избегнување на предметите на СЈО или за кој било друг случај, а со тоа и бегање од кривичната одговорност на сегашни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Секое договорање и амнестирање на одговорноста за функционерите на ВМРО ДПМНЕ и штети на државата затоа што се загрозува европската перспектива и јавната доверба во правниот систем.
Република Северна Македонија и нејзините граѓани заслужуваат европска и светла иднина.
Граѓаните бараат развој и напредок, наспроти заштитата на криминалот и ретроградните политики што ги промовира ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ ја води државата на вистинскиот пат, граѓаните тоа го знаат и ќе го потврдат на 12 април со уште еден пораз за ВМРО-ДПМНЕ и политиките диригирани од Будимпешта.