Прес-конференција, обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Во недела, на денот на пролетта – 21 март, за прв пат во македонскиот плурализам ќе се одржат директни непосредни внатрепартиски избори.
Овој врвен чин на внатрепартиска демократија ќе го направи токму СДСМ, членовите социјалдемократи директно ќе избираат Претседател.
Како кандидат за претседател, пред членовите на партијата, излегувам со оваа Програма и ја барам поддршката за нов мандат:
Нова политика – Пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на СДСМ и на Северна Македонија.
Доколку ја добијам довербата, најавувам досега најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ.
Ова е Нова политика на СДСМ, за новото време. СДСМ повторно ќе биде прв во промените.
СДСМ повторно ќе биде носител на нова политика со која секој од нас, почнувајќи од мене, ќе даде и повеќе и подобро. За граѓаните, за татковината, за иднината на нашите деца.
ДАЛИ Е МОЖНО НОВО ПОСЛЕ НОВОТО? ДА, ПОДГОТВЕНИ СМЕ И НИЕ ТОА ЌЕ ГО ПОКАЖЕМЕ!
1.Новата политика значи реформа на досегашна кадровска понуда на СДСМ.
Некои многу сработуваат и водат напред, некои можат многу повеќе, но некои потфрлија.
Единствениот долг кој го прифаќам е долгот кон граѓаните за ефикасна и доследна испорака на ветеното. И тука е точката на која се темели новиот начин на работа.
Тоа не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе.
Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција, само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните. СДСМ постои за граѓаните! Ние им служиме на граѓаните!
2.Новата политика значи ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот.
Пораката дека законите важат за сите ќе останеше празна флоскула ако не обезбедевме услови, амбиент и механизми за правосудството да почне да работи независно и професионално. Има уште многу работа, но народот веќе сведочи дека нема веќе недопирливи – во тоа почнаа да се уверуваат и тие кои беа најсомничави.
Времето на неказнивост заврши, на ред е правдата.
Истото важи и за сите нас од СДСМ. Членката книшка од партијата не значи привилегија туку уште поголема одговорност.
Борбата против криминалот и корупцијата носи подобар економски стандард, подобро здравство, подобро образование, подобри институции, но и побрз пат кон ЕУ.
Затоа, СДСМ и кадрите на СДСМ ќе бидат првите кои во секоја од институциите ќе водат напред во спроведување на антикорупциските мерки и во промоција на заштитните механизми кои спречуваат злоупотреби. СДСМ е на иста страна со граѓаните и со Владата – СДСМ е на страната ПРОТИВ корупцијата.
З. Нова политика значи охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови.
Јас отсекогаш силно сум верувал во можностите и моќта на демократијата.
Максимата „разноликоста на мислења во СДСМ е богатството на внатрепартиската демократија“ веќе ја спроведуваме на дело. СДСМ е партија во која владее исклучително ниво на демократија.
Промовираме и почитуваме различни мислења, за дополнително да ја зајакнеме демократијата кај себе, но и за да поттикнеме истото да го направат и другите политички субјекти. Слушам некои зборуваат за “претерана демократија” и за нужност од “цврста рака”.
Не, народе мој – не, мои социјалдемократи. Демократија – никогаш доволно! Цврста рака е симбол на режим, а слобода на говор и почитување мислења е симбол на демократијата. Што сакаме, режим или слобода?
Нашата татковина, еднаш беше, но никогаш повеќе нема да биде земја каде вистината се шепоти, а лагите се извикуваат на цел глас.
Одиме напред во секој можен поглед и враќање назад нема. Тоа е нашиот замаец, постојано подобрување и демократизирање. Јас сум и секогаш ќе бидам ЗА повеќе и ЗА подобра демократија.
Јас сум и ЗА национален консензус за главните прашања. ПРОТИВ поделби, ЗА заедништво.
И затоа сметам дека за најважните прашања треба да застанеме заедно со опозицијата. Сите да се вградиме во институциите. Да нема разлики веќе и несогласувања дали сме за напред или за назад. Сите да бидеме за напред, едни локомотива, други вагони. Ама сите напред, а не едните напред, другите назад. Сметам дека на СДСМ му личи и дека ќе продолжи да биде локомотива – и СДСМ ќе покаже дека на македонските шини кон иднината има и место и потреба за многу вагони. Кој ќе биде локомотива, а кој вагон, ќе одлучат граѓаните!
4.Нова политика значи СДСМ за новото време, млад СДСМ, како што реков, прв во промените
СДСМ ширум ги отвора вратите за сите оние ги поддржуваат, или се заинтересирани за идеите на социјалдемократијата, а досега не биле активно вклучени во политичкиот живот во нашата земја.
Со младите, со прогресивните, заедно носиме нови сили во СДСМ. Партија во која доминираат новите генерации. Ние носиме политика која се потпира на дигитализацијата. Модерните решенија, дигиталните се решенија кои доаѓаат од младите луѓе. Отвораме уште повеќе врати за нови, модерни, дигитални решенија во водењето на институциите за да се намали влијанието на човечкиот субјективен фактор – распределбата на средства и јавни добра да оди со дигитални решенија и алгоритми, а не со лични и субјективни одлуки на поединци.
Тоа е СДСМ за новото време, прв во промените, носител на новите политики.
Денес на сите им е јасно дека СДСМ не е елитен клуб, не е забранета зона, не е во сопственост на поединци, туку обединител на сите граѓани, со прогресивни цели, политичка идеја која мотивира и предизвикува.
Македонското социјалдемократско семејство е големо – Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци – ние сме партија на сите граѓани. За сите граѓани.
Низ сите овие политики ќе го пресликаме и нашиот концепт за едно општество со еднакви шанси за сите. Сметаме на сите човечки капацитети и подаваме рака.
СДСМ е единствена политичка партија која има општински организации во сите 80 општини во државата, друга таква политичка партија, нема.
5. Нова политика значи поттикнување, кревање на мотивацијата на нашите граѓани.
Повикувам и на исконското во нас, народот на оваа земја, како луѓе кои со векови се соочувале со тешкотии и сепак опстанале. Тој дух сега, повеќе од било кога, треба пак да го разгориме и тоа ќе го сториме.
Почитувани,
СДСМ е државотворната партија и гарантот за сигурна иднина на нашата современа татковина.
Секако дека СДСМ има каде да се поправа и подобрува. Не сме безгрешни. Никој не е. Но, факт е дека никогаш не скршнавме од стратешкиот колосек, од напредокот, од сојузништво со западниот демократски свет на чело со САД и ЕУ.
Така и ќе продолжиме да работиме и да се движиме по вистинскиот пат.
Фокусот ќе ни остане на борба со пандемијата и нова развојна економија. На креирање и реализација на економски политики кои повторно носат економски раст, нови работни места, уште повисоки плати и развојна македонска економија.
Инфраструктурните проекти ќе го задржат приматот како и зелената агенда.
СДСМ ќе продолжи да се модернизира, користејќи ги новите дигитални можности. Имаме нови електронски членски книшки, најавувам нови алатки и дигитални платформи.
СДСМ победува, но постојано се менува, се подобрува. Јас велам се менуваме, се подобруваме за подобро да им служиме на граѓаните, на државата.
Во тоа длабоко верувам и така ќе продолжиме.
Заедно успеавме да срушиме режим со пенкало. Заедно успеавме да ја донесеме слободата и демократијата. Заедно успеавме да станеме членка на НАТО, да го сочуваме идентитетот и да го унапредиме и афирмираме, да ја обезбедиме иднината. Заедно успеавме да ја оживееме правдата, еднаквоста и солидарноста.
Сега е време да покажеме на дело што значи нова политика, што значи офанзива за пресврт во политичкото делување.
Затоа ја барам поддршката од членовите, да постигнеме нови историски успеси за нашата земја.
Да ја потврдиме македонската иднина кон која се стремиме, иднина во која приоритетни се граѓаните, економијата, демократијата и државата.
Само СДСМ може да води кон ваквата иднина, нашата партија која заедно со нашето членство и нашиот народ единствено капацитетна да презема одговорни и храбри чекори ретко видливи кај останатите политички чинители.
Јас можам на членовите на СДСМ, и на граѓаните на Северна Македонија да го понудам тоа што најдобро го знам: да се борам, да продолжиме напред и заедно да успееме! Благодарам.
Ги повикувам членовите на СДСМ, на 21 март, во недела, да гласаат за Новата политика на СДСМ.