Прес конференција, Томе Христоски, градоначалник на општина Крушево
Почитувани,
Во изминатите две години се работеше на клучните проблеми и барања на граѓаните и полека ги надминуваме сите пречки за кои претходно немало воља да се работи.
Ја реконструиравме спортската сала во Крушево, целосно ја опремивме и ја проширивме нејзината намена, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Оваа сала ќе служи и на посетителите на Крушево, но и на спортските клубови кои негуваат многу успеси, иако во изминатите години немале простор за тренинг и натпревари заради руинираноста на салата и неодговорноста на властите.
Завршува реконструкцијата на горната училишна зграда која ќе ја опремиме и оспособиме во младински културен центар, а во тек е асфалтирање на пат и уредување на просторот околу спортските игралиште до викенд зоната Крушевско Езеро. Саниравме 24 локални улици и со тоа ја подобруваме сликата за градот која заедно со набавка на камион за отпад, камион за метење и чистење – метларка, трактор со плуг за снег, 400 корпи за отпад, 30-тина контејнери, ровокопач и нов камион за територијалната против пожарна единица општината ја правиме почиста, побезбедна, уредена во време на големи снегови и со поголема ефикасност во службата кон граѓаните.
Започна изградба на вечното почивалиште на Тоше. После долги години лаги и невоља на претходните власти барем малку да се оддолжиме на овој човек нашиот Тоше добива достоинствено гробно место.
По 3 децении ветувања заедно со општина Долнени конечно го асфалтираме патот од село Борино кон Житоше. Во село Борино го изградивме резервоарот за вода и го решаваме проблемот на водоснабдување. Асфалтиравме пат до село Јакреново, пат кој не беше саниран од 1994 година, и започнуваме со асфалтирање на пат до Саждево во должина од 2 и пол километри.
Ги саниравме сите подрачни училишта, во с. Бучин отворивме градинка и го поврзуваме ова село со општина Кривогаштани со асфалтен пат во должина од 10 километри, градиме игралиште во Алданци, а во моментов течи изградбата на цевковод во село Саждево и фекална канализација, прва фаза во село Норово, а обезбедивме средства за изградба на резервоар за вода во с. Белушино. Наша цел е населените места да се развиваат паралелно со градот и во тоа успеваме.
Ги подобруваме условите за градење и привлекување нови инвестиции во Крушево. Со изработката на деталниот и генералниот урбанистички план ќе создадеме развојна зона и зона за градење во Крушево, а ќе ги изработиме и урбанистичките планови за селата.
Ја проширивме и индустриската зона Опаленик, со две нови парцели за два нови инвеститори и за скоро го објавуваме огласот за овие парцели. Ја завршивме и првата фаза од проектот „Зафаќање на води“ кој ќе обезбеди вода за фабриките во и околу индустриската зона, а завршувањето на овој проект е дел од годишната програма на Министерството за животна средина за 2020 година.
Најавуваме реконструкција на патните правци кон Кривогаштани, Демир Хисар и Пуста Река, заедно со уште поинтензивна градежна офанзива во санацијата на локалните улици.
Општина Крушево денес е општина за сите. Без долгови, со функционални институции и ветени проекти кои се реализираат. Крушево секој ден се менува. Продолжуваме понатаму.
Ви благодарам.