fbpx

Реновирани повеќе оддели и клиники, остануваме посветени на унапредување на здравството

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција, Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ

 

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Владата предводена од СДСМ останува посветена на развој и унапредување на здравствената заштита и вистинска грижа за граѓаните и лекарите.

Водени од целта да обезбедиме поквалитетно здравство, повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа.

Во декември 2018 година, ги пуштивме во употреба реновираните хируршки сали на Клиниката за ортопедија при ТОАРИЛУЦ. Направена е комплетна реконструкција на операционите сали по сите светски стандарди. Целото реновирање изнесуваше над 30 милиони денари, најголем дел од средствата преку Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и околу 1.5 милиони денари од донации.

Отворен и пуштен во употреба е и новиот Ургентен центар во Општата болница во Куманово, кој обезбедува здравствена заштита за околу 200.000 граѓани од кумановскиот регион.

 

Реновирани се и одделенијата за дигестивна хирургија, Универзитетската Клиника за хематологија каде целосно е реновиран Одделот за трансплантација, Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија и одделот за интензивно лекување на Универзитетската клиника за неврохирургија во Скопје.

Вакциналниот пункт во поликлиника Чаир е комплетно реновиран и доопремен согласно стандардите и упатствата на Светската здравствена организација. Во наредниот период ќе се реновираат и останатите вакцинални пунктови при Здравствен дом Скопје.

Реновирана е Службата за Итна медицинска помош во Битола и Службата за Итна медицинска помош во Здравствениот дом во Велес. Во итната медицинска служба во Велес изграден е лифт со цел пристапност на лицата со инвалидитет во оваа здравствена установа.

Завршена е првата фаза од реконструкцијата во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје . Третиот кат каде се сместени одделенијата за детска хирургија и пластична хирургија е целосно реновиран, а во моментов се реновираат првиот и вториот кат.

80% од градежните зафати од реконструкцијата во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се завршени.

Со оваа реконструкција, Охрид добива современ регионален центар од областа на ортопедија и трауматологија а ќе се отворат и пет нови оперативни сали, со амбулантско-болнички и стационарен дел, по сите европски стандарди. Со тоа драстично ќе се намалат листите на чекање,и ќе се обезбеди современ и брз третман на итните ортопедско-трауматолошки и неврохируршки случаи.

Паралелно се одвиваат и активности од поголем обем како градењето на новата Клиничка болница во Штип, што е во процес.

Како одговорна партија продолжуваме посветено да работиме на обезбедување на квалитетно здравство и достојни услови за работа. Активностите за реновирање продолжуваат и во периодот кој следува во кој ќе бидат опфатени уште 34 јавни здравствени установи во државата.

За нас зборот важи. Се грижиме за сите граѓани.

 

 

Последни вести