Одговори на новинарски прашања, Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ
П1: Го повикувате Мицкоски за поврзаност околу „Рекет“, сметате ли дека Рускоска го штити лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и може ли да побарате повлекување нејзино од позицијата?
Принципиелно е да не коментираме одлуки или идни одлуки, да не ги советуваме независните правосудни ограни, вклучително и Обвинителството. Секако легитимни се нашите прашања, Христијан Мицкоски е должен да излезе, веќе шести ден како не дава одговор пред јавноста, на едно сосема нормално прашање. Дали сите донации за време на изборната кампања на последните претседателски избори им се нотирани во финансискиот извештај? Доколку Мицкоски не сака да одговори, одговор на истото прашање може да даде Игор Јанушев којшто всушност е генерален секретар на партијата и потписник на сметката. Дополнително прашуваме дали Орце Камчев преку неговите фирми ја финансирал кампањата за претседателските избори на ВМРО-ДПМНЕ, зошто нема одговор, веројатно треба да ни кажат од ВМРО-ДПМНЕ. Ние ќе продолжиме да прашуваме, но секако имајќи ја во предвид независноста на правосудните органи оставаме на нив да одлучат за нивното постапување.
П2: Како гледате на сведочењето на Верушевски кој е ваш кадар, дека прислушкуваните матријали биле модифицирани што оди на линија на она дека биле сечени – лепени и монтирани?
Веродостојноста на бомбите неколкукратно во целост е потврдена досега што всушност е потврда и вештачењето што беше направено во Германија. Сите граѓани, и целокупната јавност имаа можност да ги слушнат обвинувањата, да ги слушнат гласовите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ за пиштење, вриштење и тегнење за уши и тоа е факт. Автентичноста ја потврдија и луѓето коишто беа инволвирани во самите матријали, дополнително имајќи ја во предвид приватноста СДСМ не ги објави приватните разговори, но сите разговори беа предадени во СЈО. Принципиелниот став на СДСМ е да не коментира судски одлуки и тек на судски постапки. Секако знаеме дека сега се е во рацете на правосудните органи и очекуваме тие постапки да дадат одговори на случајот со незаконското прислушкување во УБК.
П3: Значи изјавата на Верушевски е за приватните разговори?
Јас не можам да коментирам што Верушевски мисли. Доколку ви треба став околу тоа што мислел Верушевски треба него да го прашате. Јас коментирам за она што вие ме прашавте, а се однесува во однос на автентичноста на прислушкуваните матријали.
П4: Каков бил текот на снимките, како се доставени до вас, Лазаревски до Верушевски или директно во партијата?
Апсолутно неколку пати кажавме дека свиркачите тогаш, ги доставуваа незаконски снимените матријали и на тој начин СДСМ дојде до фактите и буквално го разобличивме режимот. Она што беше само шушкање во јавноста излезе на виделина дека најмалку 26.000 граѓани, се снимени, се прислушкувани под намера на Никола Груевски и режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Имавме можност како граѓани да слушнеме буквално за целиот криминал којшто го правеше претходната власт.
П5: Содржината не е спорна, би прашал за патот на снимките до партијата. Велите свиркачите ги доставуваат, дали директно до партијата или до г-динот Верушевски, а Верушевски како шеф на безбедност на СДСМ до раководството на партијата?
Од причина што во тек е и судска постапка, не би си дозволил толку да коментирам, во однос на судска постапка која што, како што веќе реков е во тек.
П6: Заев рече неколку пати, дека за снимките биле ангажирани четири до пет лица од партијата. Кои се тие лица?
Неспорно е, тоа е тимот на претседателот на партијата, кој што бил познат во тоа време, кои што имале можност да ги видат и слушнат материјалите. Во тоа време, јас бев во општина Струмица, како советник, така што, може да се обратите и до претседателот да го прашате.
П7: Во однос на реформите, споменавте дека сте за политички дијалог, дали тоа значи дека повикувате на нова лидерска средба или мислите да се направи обид на работните групи за донесување Закон за обвинителство. Вчера и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ јасно предвидоа дека има различни толкувања на тоа што се зборувало на лидерската средба. За кои прашања различно толкувате?
Повикуваме на дијалог и даваме шанса на разговорите за тоа одлуката ќе се носи во рамки на Собранието. Од тој аспект, за тоа е нашиот повик, да ги надминеме разликите и конечно ВМРО-ДПМНЕ да се издигне и да се огради од тоа што е штитење на криминалот и обид за амнестија на криминалците во нивните редови. Заеднички сите да се ставиме во функција на правото и на правната држава. Од тука се нашите повици и сметам дека се легитимни и дека се во духот на демократијата и демократските принципи кои што како одговорни политичари треба да ги градиме сите заедно. Без разлика власт, опозиција.
П8: Во врска со коцкарниците и игрите на среќа, вашите коалициони партнери велат дека чекаат услови за тој закон да се промени и граѓаните да не бидат, условно кажано масакрирани од тие игри. Дали ги поддржувате и кој е вашиот став?
Имаше и јавна расправа по тоа прашање, лично присуствував на јавната расправа. Секако, треба да ги видиме, срочени во едно забелешките кои што беа и од едната и од другата страна и од сите засегнати страни на таа јавна расправа. Имајќи предвид, дека имаше јавна расправа, да ги разгледаме деталите, па потоа и да донесеме политички став и по тоа прашање. Неблагодарно е сега, да одговарам на нешто кое што суштински јас лично го немам разработено.
П9: Уште еднаш ќе ве прашам за „Рекет”, дали изјавата на Верушевски може да ја уништи онаа слика која се создаваше во јавноста, за што се крена и револуција. Сепак, се потврди дека е тоа сечено, лепено.
Во одговор на првото прашање, кое ми го поставивте, ви одговорив. Никој не може да ја толкува автентичноста на снимките. Дури и луѓето кои што беа инволвирани, ја потврдија автентичноста на снимките. Ова може да биде јалова желба на ВМРО-ДПМНЕ на било каков начин да се искомпромитираат предметите на СЈО. Еве им порачуваме дека тоа не може да успее. Одговорност мора да има за секој, кој што се огрешил пред законите, вклучително и за функционерите, сегашни, бивши, доколку се инволвирани во криминал, од ВМРО-ДПМНЕ, дополнитено и тајкуните кои што произлегоа за време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
П10: Не се работи за толкување, се работи за сведочење на Верушевски ..
Доколку, било што ве интересира, треба ептен да навлеземе во истрагата и во постапката. Принципиелен став на СДСМ е да ги оставиме правосудните органи, да одлучуваат независно од извршната власт. Да оставиме постапката да тече. Се што имате, доколку ве интересираат детали, во однос на исказот, може слободно да се обратите кај г-динот Верушевски.
П11: Не интересира ставот на партијата, затоа што беше посочено, за СДСМ надвор од истрагата. Како се чувствувате вие. Дали изјавата на Верушевски, наштетува и на истрагата и на партијата и на имиџот ..
Јас лично не гледам со што би се наштетило на истрагата, на случаите или на било што. Не гледам од кој аспект би биле загрозени материјалите. Не гледам од кој аспект би биле загрозени предметите. Имаат предметите извесност, а со тоа што имаат извесност, очекуваме, во транспарентна судска постапка дека ќе има одговорност за оние кои што се огрешиле пред законот. Сосема сме спокојни. Со ништо не се нарушува истрагата, ниту предметите, ниту било што.