Прес-конференција на СДСМ, Трпче Грозданоски, член на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Земјоделците и сточарите имаат сојузник, пријател и поддржувач во Владата предводена од СДСМ, која е целосно посветена на активни политики за нивна поддршка и стимулација.
Само во изминатава недела Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати над 617 милиони денари субвенции на фармерите кои имаат обележани грла говеда, кози, како и 182,3 милиони денари на сите фармери кои задржале женско јагне.
Исто така со оваа исплата префрлени се и средства за тутунопроизводителите во износ од 11.4 милиони денари.
Исплатена е и финансиска поддршка за засеани површини со сертифициран семенски материјал, како и исплата на субвенции и за пчеларство.
Досега веќе се исплатени 5,5 милијарди денари, заедно со усвоениот ребаланс а со заокружување на овие исплати во 2021 година се очекува да се исплатат рекордни 115 милиони евра за над 66.000 земјоделци.
Покрај редовните субвенции, се грижиме и за поттикнување на младите кои се дел или имаат намера да се вклучат во овој сектор.
До 29 август отворени се апликациите за финансиска поддршка преку мерката позната како „Млад земјоделец“, која е наменета за сите регистрирани индивидуални земјоделци, кои имаат до 40 години и кои може да добијат до 10 илјади евра за инвестиции или отворање на сопствен агро-бизнис.
Исто така, на почетокот на месецов, ресорното министерство објави четири јавни повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари, како дополнителен стимул за развој на оваа дејност.
Јакнењето и повеќестраната поддршка на домашното земјоделско производство е клучен дел од нашата економска политика, која цели кон одржлив развој и модернизација.
СДСМ како одговорна партија останува посветена на помош и поддршка на секој земјоделец, на секое земјоделско стопанство.