fbpx

Заев од Дебрца: Влогот во инфраструктурата е влог во развојот

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денес го започна караванот на „Најдоброто за мојата општина“ Белчишта во Општина Дебрца. Во изјавата тој рече:

„Градиме за нашиот народ – асфалт наместо кал. Затоа се обврзуваме да донесеме водовод и канализација онаму каде што нема, а онаму каде што има редовно да го одржуваме и унапредуваме. Ќе продолжат и инвестициите во атмосферска канализација, како и реконструкција на улиците во општините, локалните и полски патишта.

Токму затоа влогот во инфраструктурата е влог во развојот. Комуналната инфраструктура останува во нашиот фокус, а општините плански ќе ги зајакнуваат капацитетите на јавните градски претпријатија. На тој начин ќе го поттикнеме развојот на секоја општина, без разлика дали е таа мала или голема, урбана или рурална. Секоја општина ни е важна.

За само четири години изградивме и реконструиравме над 1.000 километри патишта. За само 4 години изградивме 60 градинки, 80 училишта, 60 објекти за полицијата, 34 здравствени установи, 20 домови на културата, театри, општински згради.

Покажавме дека има пари во државата и да растат платите и да се инвестира во капитални проекти. Има пари во државата оти сега тие не одат на споменици, на барок, на палми, жални врби и криминални тендери. Денес секој денар од Буџетот се троши рационално, во проекти кои носат придобивки за граѓаните.

Во овие четири години како никогаш досега се инвестираше во патната и комуналната инфраструктура насекаде низ државата. Кога ги димензиониравме инвестициите сериозно внимававме на рамномерниот развој, вложувавме повеќе и финансиравме повеќе проекти во руралните и општините кои цела деценија беа заборавени.

Чистата вода за пиење, здравата животна средина, уредените улици и патишта, градинките и училиштата се огледало на една општини и најважни за тоа какво услови за живот имаат граѓаните. Влогот во овие проекти е влог во иднината, затоа што тие остануваат да им служат на граѓаните со години и децении.

Затоа како Влада и како општини, сиот фокус го ставивме на овие проекти и зад себе имаме сериозни резултати.

И тука во Дебрца се инвестираше во такви проекти кои го олеснуваат животот на граѓаните, а општината ја прават поразвиена. Пробиени се и асфалтирани улици и локални патишта, поставени се водоводи, а преку ТАВ програмата ја финансираме изградбата на фекална канализација со пречистителна станица во село Лешани.

Она што е најважен проект за вашата општина, а е проект на државата е секако автопатот Кичево – Охрид кој ќе донесе неограничени можности за развој и буквално ќе ја промени социјално економската карта на Дебрца.

Затоа, на 17 октомври, да гласаме за број 12, да гласаме за најдобрата понуда за Дебрца, да гласаме за Игор, да гласаме за Ромео и советничката листа, да гласаме Дебрца да припадне во сигурни раце, за да се развива уште позабрзано“.

Последни вести