fbpx

Зоран Заев – поранешен претседател на СДСМ

Зоран Заев е поранешен претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

На 31 мај 2017 година Зоран Заев е избран за претседател на Владата на Република Македонија, сега Република Северна Македонија.

По победата во Струмица на локалните избори во 2013 го почнува својот трет последователен мандат како градоначалник на овој град, и оваа функција ја извршува до декември 2016 година.

Добитник е на наградата за најдобри практики од Советот на Европа за првото јавно – приватно партнерство во Република Северна Македонија, имплементирано во изградбата на објектот „Глобал”. Општина Струмица под негово водство е добитник на највисоко државно признание во областа на екологијата (2007 – 2008 година).

Во периодот од 2003 до 2005 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија, сега Република Северна Македонија.

Заев е претседател на СДСМ од 2013 година. На VIII Конгрес на СДСМ во 2008 година е избран за в.д. претседател на партијата, функција која ја вршеше до IX Конгрес кога беше избран за потпретседател на Централниот одбор на партијата. Заев бил потпретседател на Централниот одбор на СДСМ и во периодот од 2006 до 2008 година.За време на парламентарните избори во 2006 година бил шеф на Регионалниот Изборен Штаб за 4та изборна единица. Во два мандати бил и член на претседателството на општинската организација на СДСМ Струмица.

Професионалната кариера ја започнува како вработен во „Тргопродукт“ – Струмица во периодот од 1997 до 2003 година, а од 2001 бил и директор на истото претпријатие. Бил член на Управниот одбор на штедилницата „Пеон“ (1998 – 2003), како и на Управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица” (2001 – 2003). Во периодот од 2000 до 2003 година ја врши функцијата Претседател на управниот одбор на ЈПКД „Комуналец” – Струмица.

Дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1997 година. На истиот универзитет бил на постдипломски студии по монетарна економија и финансии.

Роден е на 8 октомври 1974 година во Струмица. Оженет со Зорица Заева со која има две деца, Александра и Душко.