Соопштение за јавност
Пратеничката на СДСМ Марија Костадинова при реплика на седницата на парламентот посветена на избор на новата влада во врска со обвинувањата на опозицијата истакна дека државата беше ФИРОМ и нашиот македонски јазик не беше признат, државата беше изолирана, поделена и заробена, а денеска сме пријатели со сите, додека опозицијата со Хунзите и антиквизацијата го загрози нашиот идентитет.
ВМРО-ДПМНЕ е најмалку повикана да зборува за идентитетот, посебно затоа што ликот и делото на еден од најголемите великани Блаже Конески го нарековте „џуџето од Небрегово“, за 11 години криминално владеење ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за унапредување на македонскиот јазик, напротив 11 години работеше за всадување на измислен антички идентитет , газејќи врз коските на преродбениците, просветителите и кодификаторите на македонскиот јазик, само затоа што македонскиот јазик е дел од групата словенски јазици, порача Костадинова.
Таа нагласи дека дел од примерите како ВМРО-ДПМНЕ се грижи за македонскиот јазик се навредите кон Конески, политички мотивираната лустрација за Славко Јаневски, пропаѓањето на бројни лекторати по македонски јазик низ Европа.
И денеска како опозиција ширите лажни вести дека македонскиот јазик и идентитет ќе бидат избришани, порача пратеничката на СДСМ Марија Костадинова.