Прес-конференција на СДСМ, Костадин Ацевски, член на Извршен одбор на СДСМ
Почитувани,
Признавањето вина на поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за случајот „Титаник“ е потврда за сите изборни измами, притисоци врз граѓаните, уцени и страв кој го сееше режимот.
Ова јавно признание на луѓе од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ значи само едно – ВМРО-ДПМНЕ со години ја газеле волјата на граѓаните а сите изборни циклуси во нивна организација биле нелегитимни.
Се потврди дека се она што го говоревме, за личните карти во Центар со граѓани од Пустец, за злоупотреби на избирачкиот список, за секоја друга форма на изборно насилство – било точно.
Јавно признание од главните соработници на Груевски, патронот на Мицкоски за злосторничко здружување, изборни измами, поткуп при гласање, уништување на избирачки материјал или со еден збор, криминализација на изборниот процес од страна на ВМРО-ДПМНЕ е потсетник дека не смееме никогаш повеќе да ни се повтори оваа партија на власт.
Но, ова е помалиот проблем. Поголемиот проблем е што во Извршниот комитет на Мицкоски и во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште има лица за кои има повеќе обвиненија.
Таков е Антонио Милошоски, кој е член и на Извршниот комитет, таков е Игор Јанушев. Поголем проблем е што останатите инволвирани во овој случај сеуште не ја признаваат вината а очигледно е дека се длабоко инкриминирани. Како Илија Димовски кој секојдневно настапува во име на партијата.
Христијан Мицкоски, кој беше советник на Груевски и негов генерален секретар треба да излезе пред граѓаните и јавно да им се извини.
Итно мора да поднесат оставки сите кои се на било кој начин поврзани со овие веќе осудени лица кои сами признаваат вина.
Оваа шминка и паничните соопштенија во кои се дистанцираат од своите сопартијци е очаен обид да се иземат од одговорност.
Почитувани,
Го повикуваме Христијан Мицкоски, заедно со раководството да си поднесат оставки и да се повлечат.
Второ, по вчерашните признанија, ги повикуваме сите останати од овој случај но и другите осудени во други случаи да понесат одговорност и признаат вина како нивните колеги. Тоа е добро за демократијата, за партијата и конечно за граѓаните.
Трето, итно да прекинат со притисоци врз судството кои постојано ги прават со цел се спасат од прогон или ги намалат казните.
Четврто, се додека ВМРО-ДПМНЕ вистински не се реформира ќе остане истата партија која ја киднапираше државата.
Почитувани,
Беа потребни шест години за државата да стане демократска и да не биде повеќе хибриден режим, титула која ја добивме благодарение токму на ова исто ВМРО-ДПМНЕ. Сега е веќе јасно и потврдено од самите нив што правеле и што би сакале да направат со државата. Ова нема да го дозволим.е
За крај, апелираме на брза и ефикасна истрага за сите случаеви од бивши политичари без разлика дали станува збор за оние од власта или опозицијата. Правдата мора конечно да надвладее, случаевите ефикасно и брзо да се процесоираат бидејќи само така ќе имаме одговорни политичари и систем кој функционира.