Соопштение за јавност
Вечерва е постигната доволно добра основа за да почне процедурата за носење Закон за јавно обвинителство. Очекувам Владата вечерва да заседава и да го усвои предлог-текстот на Законот за кој постигнавме широка политичка согласност, порача вечерва претседателот на СДСМ Зоран Заев преку социјалните мрежи.
После усвојувањето од страна на Владата, Законот треба да оди во Собранието на Република Северна Македонија, каде по скратена постапка, се надевам дека ќе добие поддршка од најмалку 2/3 од пратениците.
Усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес кон нашата европска интеграција и аргумент плус за Европската Унија да донесе позитивни одлуки поврзани со почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Унијата.
Она што е особено важно за сите наши граѓани, Законот ги овозможува неопходните услови за владеење на правото во нашата земја и за конечна и темелна изградба на правната држава.
Низ разговорите, кон содржината на Предлог-законот беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се застапуваше и се избори Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со што се создаваат услови да се овозможи фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда.
Законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.
Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме – во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите!
Упатувам голема благодарност до Европската Унија, до САД и до Државниот јавен обвинител за нивните напори и за помошта при дефинирањето на содржината на овој Предлог-закон за јавно обвинителство.
Им благодарам и на сите пратеници и сите експерти кои дадоа свој придонес и ги повикувам сите политички сили во земјата да го поддржат законското решение, за уште еднаш заедно да го потврдиме европскиот пат на нашата земја и заедно да ја потврдиме нашата стратешка определба за обезбедување правна држава, порача претседателот Заев.