Прес-конференција, Санела Шкријељ, пратеничка
Почитувани,
Владата и институциите предводени од СДСМ преку конкретни мерки и политики на дело покажуваат вистинска грижа за граѓаните.
Во време на глобална економска криза растат платите и пензиите а стапката на невработеност има тренд на опаѓање.
Отворање нови работни места е еден од врвните приоритети на СДСМ, една од клучните алки во борбата против невработеноста е Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување.
За 2022 година, Оперативниот план е со буџет од 1,8 милијарди денари или околу 30 милиони евра, што е за пет милиони евра повеќе отколку за минатата 2021 година.
Преку овој План ќе бидат опфатени речиси 15.000 лица а во фокусот ќе бидат ставени младите невработени лица до 29 години возраст.
Зголемен е опфатот на лица корисници на најпопуларната мерка, мерката за самовработување, со што обезбедена е финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис за 2000 лица.
Преку оваа мерка се доделуваат грантови од 5.000 евра за еден самовработен, односно 10.000 евра за двајца содружници за започнување на сопствен бизнис.
За првпат се воведува мерката „Зелени инвестиции“ која опфаќа инвестиции во процеси кои овозможуваат создавање на зелени производи или услуги, ги намалуваат или елиминираат штетните влијанија врз околината, енергетска ефикасност на објектитe и воведување на обновливи извори на енергија.
За реализација на оваа мерка обезбедени се над 26 милиони денари, а со неа ќе се опфатат 312 лица.
Со Оперативниот план за 2022 година продолжува поддршката на мерката Практикантство каде е проширен опфатот на 1.620 невработени лица до 34 годишна возраст кај работодавачи од приватен сектор, но и граѓанските организации.
Мерката „Младински додаток“ исто така продолжува а преку неа месечно ќе се исплаќаат по 3.000 денари за 3.500 млади до 23 години кои се вработени во директно производство, што е за 1.000 лица повеќе во однос на минатата година.
Почитувани,
Преку Оперативниот план за вработување досега се вработени десетици илјади граѓани и затоа оваа е една од мерките која е клучна за намалување на стапката на невработеност.
Преку успешни политики успеавме стапката на невработеност ја намаливме на 15,7 отсто, со интенција за едноцифрена стапка на невработеност до крајот на мандатот.
Продолжуваме со реализација на мерки и политики кои го штитат животниот стандард на граѓаните и обезбедуваат забрзан економски раст.
Благодарам