Соопштение за јавност
На трибината Агенда Социјална заштита 20-24 во Штип зборуваше и Билјана Дуковска, експертка за социјална инклузија која потенцираше дека не смее да се штеди на парите за социјала. Платформата против сиромаштија која ја застапува како приоритет го имаше гарантирањето на минималната плата, прашање кое сега е затворено и тоа со зголемување на 12.000, а потоа и на 14.500 денари.
„Но, тоа што ни остана нам како потреба е социјалното мапирање, што практично се случува на терен? Има изолирани луѓе за кои повремено дознаваме од медиумите и кои на некаков начин не може да бидат дел од системот за социјална заштита. Професионализацијата на центрите за социјална работа е исто така важно. Има поместувања во последните години, но секогаш треба да се направи повеќе. Во моментов се инвестира во најсиромашните што е сосема во ред, но не смееме да ги заборавиме граѓаните кои некогаш биле средна класа, а кои сега живеат со минимална плата затоа што тие лесно ќе западнат во сиромаштија“- анализираше Дуковска.
На трибината беше истакнато значењето на социјалните сервиси кои сега функционираат и затоа сега не се тема само домовите за стари лица, како порано, туку приоритети стануваат помошта, негата, соработката, грижата за младите и за децата.
„Подобрено е учевството на граѓаните во носењето политики. Организациите добиваат простор за своите ставови и мислења и сега останува проверката на политиките- дали тие навистина ја намалуваат сирмаштијата. Нам ни е потребна сеопфатна програма за да можеме да зборуваме за квалитетна социјална држава“- потенцираше Дуковска.