Државност крунисана во Цариград
Кој колку направил за државата? Кој повеќе сработел за граѓаните?
Ова се најчестите прашања на кои ние политичарите секојдневно се трудиме да се докажеме. Иако сеуште во Македонија се смета дека политиката и партијата служат за остварување лична корист, сепак, одговорни политичари се стремат да остават нешто позитивно позади себе, за државата и идните генерации.
Враќајќи се назад низ годините, евидентно е дека секогаш кога СДСМ е на власт се носат најтешки, истовремено стратешки и долгорочно најбитни одлуки за државата.
СДСМ беше тука кога се осамостојувавме како држава. Тешки времиња, со мечот на ЈНА над глава, кога на територија на повеќето бивши ЈУ републики се водат братоубиствени војни. Години на ембарго во кои се одлучувало ограничената количина на нафта во државата дали да се употреби за возила на Брза помош, Полиција или Пожарна. Тешка одлука нели?
Следуваше тежок период на владеење на ВМРО ДПМНЕ исполнет со многу скандали, криминал, војна за жал…
Повторно, како некоја предодредена судбина, врелите костени во рацете на социјалдемократите. Одново градење на држава, овој пат урнисана од внатрешен конфликт, длабоко поделена етнички помеѓу луѓе кои до вчера беа први комшии, колеги, пријатели. Периодот на економско закрепнување на државата и помирување помеѓу македонците и албанците се приоритети на СДСМовската Влада после 2001ва, но сето тоа не е пречка и за дотогаш најголемиот чекор на меѓународен план: Добивање на кандидатски статус за Европската Унија. Владата на СДСМ во тој мандат завршува со економски стабилна држава, кандидатка за членка на ЕУ, со полн буџет.
Доаѓа 11 годишен мрак. Најцрните времиња во модерната македонска историја, времиња на едноумие, режим и груевизам. Медиуми замолчени, судови и институции поклопени. Но, постарите велат: Од пишаното не се бега.
Веќе е вообичаено и нормално во тешки ситуации СДСМ повторно да го покрене товарот на свои плеќи.
Периодот на “бомбите” и “Шарена револуција” се забрзан курс по демократија за македонското граѓанство. Крик за слобода, за живот, за иднина.
Состојбата во државата за новата влада на СДСМ во 2017та е очајна. Стартна позиција нула. Не е ни нула, во минус е. Институции срушени, каса празна, граѓани раскарани и поделени, држава изолирана. Да се замисли човек дали е 2001ва или 2017та. Државата повторно почнува да се гради. По трет пат! Повторно од СДСМ!
Се ослободува општетството, граѓаните и медиумите повторно слободно зборуваат.
Преспанскиот договор од најголеми “душмани”, грците ги прави наши сојузници и поддржувачи.
Растат пензиите, платите, социјалната помош. Повторно државата постои за своите граѓани.
Добиваме полноправно членство во НАТО! Безбедни сме, сигурни сме, со најмоќните сме! Иднината, интегритетот и суверенитетот на државата се гарантирани.
Па замислете среде оваа војна во Украина да бевме сами и изолирани!?
Ќе се чувствувавте ли безбедно?
Ќе спиевте ли мирно?
Ќе се плашевте ли за иднината на вашите деца?
Украина е само на неколку стотици километри воздушна линија од нас!
Но, тука македонската приказна не застанува. После 55 години имаме црква со сите салтанати. На чекор до целосна автокефалност.
Па можевте ли да замислите заедничка литургија во Скопје и Белград на МПЦ ОА и СПЦ до пред некое време?
Та нели ВМРО ДПМНЕ не обвинуваше дека јазикот и идентитетот сме го продале!?
Како тогаш на македонски се пееше “Оче наш” среде Цариград, во срцето на Вселенската патријаршија.
Ништо од ова немаше да е возможно без Преспанскиот договор.
Црквата е темелот на националноста. Таа е душата на еден народ, а сега е признаена од сите како древна и посебна. Баш како што бил сонот на многу наши предци.
Учителката на животот не учи следново: Секогаш кога е тешко, СДСМ ја зема одговорноста на свој грб и сите стратешки одлуки за државата се направени во време на СДСМ.
Кога овие храбри чекори се правеле, најчесто сме биле прогласувани за предавници. Но, времето веќе покажува кој навистина си ја сака државата.
Една народна вели: На мака се познаваат јунаците!
Во криза сме и доаѓаат тешки времиња. Во тешки времиња се оди со проверен партнер, некој кој во најтешко најдобро знае да функционира.
Слично како Шумахер кој најлесно победуваше кога врне дожд на патеката.
Ме разбирате, нели !?