Соопштение за јавност
Има една суштинска разлика помеѓу мене и Христијан Мицкоски, јас сум дел од континуитетот на државноста и напредокот а Мицкоски од дисконтинуитетот, рече во денешното интервју на Телевизија 21 претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
„Мицкоски на граѓаните им нуди да бидат горди ама сами и изолирани на една мала маса. Јас на граѓаните им нудам да бидат достоинствени, со крената глава и да седиме на големата маса во Брисел. Суштинската разлика е во тоа што јас сум дел од континуитетот на државноста на Република Македонија, од времето на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, кој да не заборавиме го потпиша првиот договор со Бугарија, од времето на Никола Кљусев, од времето на Борис Трајковски и секако од Зоран Заев со којшто влеговме во НАТО. Христијан Мицкоски е дел од дисконтинуитет на државата и државноста, а тоа е времето на Никола Груевски. Бидејќи во тие 11 години ние еден милиметар не се поместивме. Седевме сами и изолирани на мала маса. А сега седиме заедно, на голема маса во Брисел. Секој ден ги гледате извештаите и почнавме преговори со ЕУ, како Македонци.“ рече Ковачевски.
Зборувајќи за процесот на преговорите со ЕУ и значењето на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, претседателот Ковачевски рече дека тоа е влог во подобра иднина за сегашните и иднинте генерации и дека е вистински патриотизам што во ЕУ одиме како Македонци и со заштитен македонски јазик.
-Цело време обвинувањата се дека ние нешто сме попуштиле до Бугарија. Јас ќе бидам многу искрен. Јас знам дека тоа што го имавме од Бугарија за најголемиот дел од граѓаните беше чувство како некој цело време да ги боде во стомакот, и јас го имав тоа чувство. Но пред нас имавме опција да донесеме одлука, да продолжиме напред и да оствариме стратешка цел, за да обезбедиме економски просперитет, владеење на право, борба против криминал, социјална правда, и поголем животен стандард за сегашните и за идните генерации. Дали има друга алтернатива од Мицкоски и Апсиев? Нема. Знам дека тој е патот и дека ќе биде тежок. Но дали ние на тој пат задржавме чист македонски јазик, да. Така како што ветивме. Ние во ЕУ одиме како Македонци, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во емисијата Клик плус на Телевизија 21.