Прес-конференција, Даниела Колева, пратеничка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Владата предводена од СДСМ и премиерот Ковачевски изготви пакет за помош на граѓаните и компаниите во вредност од 350 милиони евра.
Во време на најголема светска економска и енергетска криза, пред најнеизвесната зима во Европа, никој нема да биде оставен сам.
Поддршка ќе има за секого, а пред се за најранливите категории граѓани, за оние на кои помошта им е најпотребна.
Согласно пакетот во следните четири месеци 3.000 денари месечно ќе добиваат 42.000 граѓани од ранливите категории.
За оваа мерка од Буџетот одвоени се осум милиони евра.
Помош од 3.000 денари месечно ќе има и за невработените лица корисници на паричен надоместок и за самохраните родители приматели на гарантирана минимална помош.
Помош од 6.000 денари за четири месеци ќе добијат 92.000 пензионери со пензии до 11.525 денари, додека помош од 3.000 денари исто за четири месеци ќе добијат и над 66.000 пензионери кои земаат пензија од 11.526 до 14.000 денари.
Овие мерки опфаќаат речиси 200.000 наши сограѓани од ранливите категории граѓани, кои се со ниски примања.
Во време на енергетска криза останува на сила мерката за субвенционирање на сметките за струја до 80% за над 600.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи.
Со новите мерки за поддршка за снабдување со струја 365 основни и 109 средни училишта ќе бидат на регулираниот пазар на електрична енергија за помали сметки во зимскиот период и непречено одвивање на наставата.
Во новиот пакет мерки не се заборавени ниту компаниите.
За стопанството се проширува поддршката на компании кои се корисници на кредитно – гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, тука е и нова кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва, како и зголемен поврат на ДДВ со скратен рок од помалку од 30 дена.
Истовремено се работи и на дополнителни мерки за поддршка на компаниите кои произведуваат основни продукти, како леб и масло за јадење, а нивното спроведување треба да започне на први декември.
Почитувани,
СДСМ низ целиот кризен период од почетокот на годината па до сега, презема ефикасни и навремени мерки за поддршка на граѓаните и стопанството.
Во првата половина од годинава беше реализиран пакет од 26 мерки вреден 400 милиони евра, со што за оваа година вкупната вредност на мерките за помош и поддршка на граѓаните и компаниите изнесува околу 750 милиони евра.
Тоа е одговорен, домаќински пристап во време на најголема светска економска и енергетска криза.
Како одговорна партија, продолжуваме со вистинска грижа за граѓаните, за стопанството.
0