Интегрален текст од обраќањето на Генералниот Секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, на традиционалниот пикник по повод 11 октомври
Нема поголема чест од тоа да се обратам, во присуство на целото раководство на СДСМ, токму од тука од Куманово и во име на СДСМ да го честитаме празникот 11-ти октомври.
Од градот херој кој не само што беше меѓу првите во народното востание туку ги даде и најголемиот број на народни херои.
Херои, борци, учесници во НОБ – Ви благодариме!
Ви благодариме што се вградивте во темелите на нашата македонска држава!
Ви благодариме што застанавте на страната против фашизмот!
Ви благодариме затоа што без вашата жртва, без вашата решителност и храброст немаше да можеме денеска да зборуваме за иднината.
Почитувани граѓани,
Заветот од учесниците на НОБ, она за што се изборија, а тоа е слободна и напредна држава во сојуз со прогресивните сили, мора да го чуваме и сите да бидеме посветени на тоа.
После 78 години повторно сме на чекор од остварување на уште една стратешка, национална, граѓанска цел: членство во НАТО и ЕУ!
Е тоа е вистинскиот патриотизам на денешното време, на денешната историја и на овие генерации.
Затоа велиме дека сме на прав пат! Продолжуваме, по патот на слободата, еднаквоста, патот на сигурноста!
Нека е честит 11 октомври!