Изјава за медиуми на СДСМ, Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје
На Скопје му се случува нова катастрофа предизвикана од ВМРО-ДПМНЕ.
Градот е заглавен како 11 години Македонија што беше заглавена, целосно парализиран, сообраќајот е во колапс, општ хаос на улиците.
Блокадите во Скопје се во политичка и целосно логистичка режија на Христијан Мицкоски.
Тоа го прави и заедно со долгодишниот поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, Ленин Јовановски.
Цената на ваквото неодговорно, деструктивно однесување, ја плаќаат граѓаните на Скопје.
Работниците не може да стигнат на време на работа, учениците и студентите доцнат, родителите не можат децата во градинка да ги однесат, на лекар не може да се отиде, брза помош не може да помине.
Ова е резултат на кавгите за тендери меѓу Мицкоски и Арсовска и неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ да управува со главниот град.
Арсовска беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, тие и ги собраа потписите, тој ја промовираше како идна најдобра „мајка на градот“.
Дури и победата Арсовска ја славеше во Белиот дворец, а Мицкоски се фалеше дека го освоиле Град Скопје
Наместо цената за кавгите за тендери и рацете во медот меѓу Мицкоски и Арсовска да ја плаќаат скопјани, бараме:
Христијан Мицкоски веднаш да ја прекине блокадата на Скопје!
Неговите директори од ВМРО-ДПМНЕ, членови на Управни одбори во ЈСП и во другите јавни претпријатија, мнозинството во Советот, сите од ВМРO-ДПМНЕ да седнат, да работат и да најдат решение.
Недозволиво е скопјани да трпат штета заради нивните бизнис и партиски интереси.