fbpx

Колумна на Стефан Богоев: Европеизација е македонизација

Facebook
Twitter
LinkedIn

Европеизација е македонизација

Пред извесно време, овде, во Фокус зборував за жешко политичко лето. Така беше лани и претходните години па не изостана и ова лето. Спомнав и за сеозната на политички пожари, па еве ги политичките пиромани се јавија. Многу работи пред време ги кажуваме, но во тие моменти не ја сфаќаме сериозно работата. А кога ќе се освестиме најчесто е предоцна и шансата е неповртано изгубена или во некои случаи цената е драстично порасната.

За да не дојде повторно до ова и да биде доцна, ќе се обидам наједноставно што можам да ги опишам опциите кои следат.

Ако се вратиме низ времето, во Македонија имало луѓе кои своевремено се залагале за решавање на спорот за името со Грција. Националистите и тогаш ги обвинувале за предавници иако времето докажало сосема спротивното. Тоа се визиоинери, луѓе кои гледаат пред времето и врз база на тоа ја избираат најдобрата опција во сегашноста. Во превод, ако ДПМНЕ го решеше спорот со Грција своевремено, ќе бевме веќе десетина години членка на НАТО и најверојатно во напредна фаза на преговорите со ЕУ. Оставајќи го проблемот под тепих за сметка на билдање антички национализам, дојдовме до поболно и потешко решавање на овој проблем.

Ако се вратиме уште поназад низ времето, ако некои мудри политичари ги решеа отворените меѓуетнички прашања навремено, најверојкатно ќе се избегнеше и 2001ва и сите жртви кои таа војна ги однесе.

Нејсе, поентата ми е дека секогаш кога наместо мудри и практични сакате да бидете квази патриоти, сметката која доаѓа на крајот е секогаш повисока, а истата за жал ја плаќаат граѓаните.

Историјата се повторува, па така сега сме пред сличен предизвик. Овој пат со Бугарија, а влогот е отварање на поглавјата и членство во Европската Унија до 2030 или со едноставни зборови влогот е повисоки плати, пензии, подобро образование, здравстгво, судство итн.

И сега се враќам назад на политичките пиромани од ДПМНЕ и Левица, но и на опциите кои се пред нас. Имаме две опции или два концепти: Концепт на македонизација (европеизација) за којшто ние од СДСМ се залагаме и Концепт на бугаризација (изолација) во кои сакаат да не втурнат политичките пиромани. И како што ветив на почетокот, наједноставно ќе ги опишам овие концепти кои се пред нас.

Концептпот на македонизација е идеа и план како тука во нашата Македонија да изградиме здрави инстиции и подобар живот. Со гласање на уставните измени ги отвораме поглавјата од преговорите со ЕУ. Тоа значи отварање и на фондови или пари за нова механизација за земјоделците, реформи темелни во судовите и обвинителствата, инвестиции во модернизација на болниците, патиштата, училиштата и градинките. Овој концепт значи и повисоки плати, пензии и животен стандард, И ова не го зборувам на памет. Фондовите кои ви се отвараат при преговорите со ЕУ се бројат во стотици милиони евра, а бројни истражувања докажале дека нова земја членка на ЕУ, со тек на време конвергира(се доближува) со платите, пензиите и животниот стандард до најразвиените земји од унијата. Крајна цел на овој концепт е достоинствен и нормален живот во Македонија кој ќе ја намали миграцијата на младите и ќе донесе повеќе правда, инвестиции и работни места во државата.

Концептот на бугаризација и изолација се залага за сосема спротивното. ДПМНЕ и Левица сакаат повторно да сме изолирани од светот како што бевме 11 години во време на режимот на Груевски. Тоа е концепт во кој чувствувате лажна гордост и патриотизам, а фрижидерот ви е празен. Најадени сте само во вестите кои ви ги сервираат додека во реалност тоне државата и вашиот живот по секој основ, а младите ги гледате замо на Зум или Фејсбук. Во таков концепт на изолација, политичките пиромани лесно и со малку пари купуваат гласови и владеат. Судовите се поклопени, медиумите замолчени, а платите и пензиите мизерни. Тоа веќе го гледавме 11 години. И сетоа тоа во очај тера наши сограѓани да одат во Бугарија, да потпишуваат дека имаат бугарски корени и чувства за да извадат бугарски пасош. Оттука, концептот на изолација е концепт на бугаризација. Веќе сте го виделе, но ДПМНЕ и Левица пак го нудат.

Сега сме повторно пред избор. Пратениците, во име на граѓаните, се должни да одберат за кој концепт се. Јас сум за концептот на македонизација и европеизација. Затоа што сакам да останам во мојата држава, со моите блиски и со мојата генерација. Пратениците ја имаат историската шанса да бидат визионери, да бидат луѓе кои гледаат пред времето и уште сега, покрај сите напади од политичките пиромани, да изберат концепт за македонизација и европеизација. За сите минати, сегашни и идни генерации.

Последни вести