Обраќање во чест на 8-ми септември,
Oливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ,
08.09.2016, Скопје
Почитувани граѓани,
Носиме победа на Република Македонија!
Нека ни е честит 8 септември, Денот на Независна Република Македонија!
Нека ни е честит 8 септември 2016 година, денот што ги отвора широко прозорците кон нашата светла заедничка иднина!
Одиме чекор по чекор. Но одиме во вистинската насока. Одиме по вистинскиот пат. Одиме до вистинската цел.
Слободни граѓани е таа цел.
Правда за граѓаните е таа цел.
Достоинствени граѓани е таа цел.
Институции на граѓаните е таа цел!
Тоа значи слободна, праведна, правична, Независна Република Македонија.
Бидејки ние сме Република Македонија, ние граѓаните.
И кога говориме за почитувањето на уставниот поредок, да се потсетиме ние сме создавачите.
Кога зборуваме за безбедноста и стабилноста, да не заборавиме, ние сме чуварите.
Ние граѓаните се обврзавме да ја браниме својата независност, кога на 8 септември 1991 година изгласавме Независна Република Македонија.
Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров и првиот премиер Никола Кљусев покажаа како можеме заедно и како треба да работиме заедно, кога се во прашање интересите на државата.
25 години поминаа оттогаш. Трнлив е патот на зрелоста. Поминавме низ сериозни предизвици кои ја искушуваа нашата волја, нашата издржливост, нашата посветеност, нашата мотивираност.
Ги надминавме!
Малку остана до моментот кога ќе ја оставиме зад нас деценијата од најбруталната узурпација на нашите животи и нашата земја.
Но, притисоците, заканите, уцените, потценувањата што ги доживеавме не се пораз на нас граѓаните.
Тие се нашата победа.
Затоа што `не направија посилни.
Затоа што `не споија.
Затоа што `не научија да го разликуваме вредното од невредното.
Затоа што `не охрабрија да и погледнеме на вистината право во очи.
Затоа што `не предизвикаа да направиме жив штит на правдата.
Затоа што го вадат најдоброто од нас.
Нема назад од еднаш разбудена совест.
И нема таков кој може да ги запре промените што ги почнавме заедно, обединети.
Македонија ќе биде демократска земја, држава на секој и за секој, едно општество, со шанси за сите, со достоинствена Армија, со професионална полиција, со независно судство, со објективни медиуми, со заштитени работници, со економски стабилни семејства.
Македонија ќе биде земја на насмеани луѓе.
Вечен нека ни е денешниот празник кој е предвесник на развојот и обновата на Република Македонија.