Соопштение за јавност
Владата предводена од СДСМ продолжува со спроведување на зацртаните мерки што ги намалуваат трошоците и го олеснуваат животот на граѓаните.
Со одговорното и домаќинско управување со финансиите, со кратењето на непродуктивните трошоци, во Буџетот ослободени се средства за обезбедување бесплатно болничко лекување за пензионерите со ниски пензии, како и бесплатни специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за лицата приматели на социјална парична помош.
Тоа значи дека од оваа година пензионерите кои имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при болничко лекување во болнички здравствени установи.
Истовремено, корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење на специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги.
Оваа мерка ќе помогне лицата приматели на социјална помош и лицата кои добиваат пониски пензии да добиваат навремени, квалитетни и бесплатни здравствени услуги, со што ќе се намалат нивните трошоци, но и ќе се унапреди степенот на здравствена заштита.
Владата предводена од СДСМ продолжува да спроведува мерки што обезбедуваат подобри здравствени услуги за граѓаните. Крајната цел е преку чесна, одговорна и домаќинска работа да се обезбедат средства за воведување на бесплатно болничко лекување за сите граѓани, што е една од клучните мерки во Програмата.
Скопје,10.01.2019
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА