fbpx

Колумна на Бисера Стојчевска Костадиновска: КУЛТУРАТА Е ИНВЕСТИЦИЈА ВО НАШАТА ПОТПОРА

Facebook
Twitter
LinkedIn

КУЛТУРАТА Е ИНВЕСТИЦИЈА ВО НАШАТА ПОТПОРА

Како и животот така и културата, како што велат, ги чекаат кризните времиња за да се покажат во најдоброто светло, да ја одиграат својата најдобра улога.

Ако во најкризните времиња низ историјата се создадени најголемите дела во уметноста, и ако во најкризните времиња најсигурната „недвижност“ се уметничките дела, тогаш одговорот е секогаш во полза на културата.
Културата сама по себе е капитална инвестиција. Во комбинација со нашата свест за нејзината улога и важност, таа носи и огромна добивка која не се мери само како економски бенефит.

Но, во културата мора внимателно и остроумно да се инвестира.

За културата не е капитална инвестиција да изградите театар чии темели се во вода. За културата не е капитална инвестиција да подигнете споменик за кој немате храброст да го наречете по име. Ниту е капитална инвестиција „пресвлекувањето“ на минатото. Грабање преку градење во име на културата, најблаго речено, е сквернавење на сопствената култура.

Затоа, повторно, во културата мора внимателно и остроумно да се вложува.
Да. Има луѓе кои велат : зарем им требаа на легендарните Прличко, Џувалековски, Милчин, Тодорка, на Шишков, на Гешовски, на Сабина…. скапи сценографии и костимографии за бидат врвни. Не. Но, заради нивната големина, и штиците добија живот и сцената заслужи почит.

Им требаа ли капиталните инвестиции за да создадат капитални дела – Климент Охридски, Кирил и Методиј, Партениј Зографски, Миладинови, Прличев, Мисирков, Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски….? Не, но без нив ќе немавме јазик. А јазикот е темел на нашиот идентитет. За јазикот, Конески ќе рече: „На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: ваша работа!“. Нашиот јазик, и нашата музика, и нашите слики, и нашите книги, и нашите ора, и нашите куќи и нашата кујна – сè е идентитет. И тоа што сме македонци е идентитет, идентитет кој го наследуваме, а од нас зависи дали ќе го надоградиме, ќе го носиме во срцето или само ќе го вртиме по потреба низ уста. Идентитет е и домашното воспитание.

Идентитет е и љубовта кон сопствената култура и уметност.

Дали за македонските градители, црквите и манастирите беа капитални инвестиции ? Не, но за нас се богатство кое мора да се сочува.

Им требаа ли капитални зданија на вонвременските македонски иконописци и фрескосликари, на маестралните Мартоноски, Личеноски, Кондовски, Куновски, Мазев, Пенушлиски, Корубин, Чемерски…? Не, но нивните дела заслужуваат достојна виделина.
Затоа, за нас капитална инвестиција во културата е да градиме со љубов простор во кој ќе живее нашето вчера, нашето денес, нашето утре…за навек. Да ги заштитиме од времето и од невремето темелите на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја. Да ги сочуваме децениските трезори на нашата култура, да ги чуваме спомениците од НОБ како паметник и како потсетник. А ги имаме, и како наследство и како потпора.

Зашто, инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора.

Имаме минато со кое се гордееме, имаме длабоки корени кои само заедно можеме да ги сочуваме.

Во мудроста е нашиот бедем, а во културата, нашата потпора.

Последни вести