Соопштение за јавност
Убеден сум дека граѓаните ќе ја изберат најдобрата опција и земјата ќе продолжи по вистинскиот, по европскиот пат, ВМРО-ДПМНЕ нема план, со ВМРО-ДПМНЕ нема иднина, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „Локално“.
Во интервјуто, Ковачевски потенцираше дека во извештај на Европската комисија ВМРО-ДПМНЕ е посочена како кочничар на реформите во македонското Собрание и напредокот.
-Никој нема дилеми, Мицкоски јавно на телевизија рече дека со ВМРО-ДПМНЕ нема членство во ЕУ ниту за 100 години. Во извештај на Европската комисија ВМРО-ДПМНЕ е посочена како кочничар на реформите во македонското Собрание и напредокот. Тие тоа не го кријат. Две години спроведуваа активна блокада, освен законите и европскиот пат на земјата го блокираат. Јасно како ден. Но сето ова завршува после изборите на 8 ми мај. Членството во ЕУ е втората стратешка цел на државата по членството во НАТО, што ќе ја реализира новата проевропска Влада предводена од СДСМ, рече Ковачевски.
При тоа, Ковачевски посочи дека во периодот од 2006 до 2016 година, кога Владата ја предводеше ВМРО ДПМНЕ, имавме заробено,феудално и бесперспективно општество.
-Во 2005 година Владата предводена од СДСМ обезбеди кандидатски статус на државата, којашто беше рамо до рамо со Хрватска на европскиот пат. Од 2013 Хрватска е членка на ЕУ, а нашата земја заостана на тој пат, до лани, кога повторно проевропска влада, предводена од СДСМ овозможи почеток на преговорите. Тие два концепти сега повторно ќе се судрат на изборите. Изборот пред граѓаните е европска иднина, поголеми плати и пензии со СДСМ или изолација, уназадување и економска стагнација со ВМРО-ДПМНЕ, порача Ковачевски.
Во интервјуто, Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен членството во Европската Унија, што за државата значи поголеми перспективи од економски, социјален и демократски аспект. Предвидените средства од Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската Комисија, значат поттикнување на развојот, имплементирање на европските стандарди, но и исполнување на реформските процеси.
-Европската Унија и досега е нашиот главен трговски партнер со 77,5% од извозот на земјата и 51% од нејзиниот увоз. Трговијата на Северна Македонија со ЕУ минатата година достигна 60% од вкупната трговија. Европската Унија има вложено над 3 милијарди евра во развој на државата. Следуваат и средства од Планот за раст за Западен Балкан, од кои околу милијарда евра се за Северна Македонија. Овие средства значат развој, но воедно и создаваат обврска да продолжат реформските процеси. Тоа може да се случи само и единствено со континуитет на проевропските политики кои се водеа изминативе 6 години, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „Локално“.