fbpx

Ковачевски: Владата на СДСМ ги зголеми платите и пензиите, ги зголеми инвестициите и драстично ја намали невработеноста

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Сите членови на Владата и јас вклучително, можеме да бидеме горди на она што го направивме во двете години и еден месец, колку што функционираше оваа политичка Влада, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во денешното интервју за МИА.

Во интервјуто, Ковачевски потенцираше, дека Владата во изминатите две години работеше во време на ковид и пост ковид криза, во време на најголемата енергетска криза во Европа, во година на војна во Украина. Но, и покрај сите овие предизвици, со правилни политики и мерки беше заштитен стандардот на граѓаните, Владата предводена од СДСМ ги зголеми платите и пензиите, ги зголеми инвестициите и драстично ја намали невработеноста.

„Прво успеавме да ги зголемиме платите и пензиите, бидејќи тоа беше значајно заради одржување на економската состојба. Минималната плата е зголемена за 130 проценти во однос на она што беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Значи во 2016 година минималната плата беше 8.000 денари, а сега минималната плата е 23.000 денари. Потоа, просечната плата е зголемена не на 500 евра како што беше според програмата на Владата, туку на 630 евра. Во делот на пензиите нив ги зголемивме за 50 проценти. Денеска просечната пензија е за 6.400 денари повисока од тоа што беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така воведовме социјална пензија за оние кои што не остваруваа право на пензија, сега и тие имаат можност за пензија. Исто така успеавме и кај минималната плата и кај пензиите да воспоставиме системска Методологија преку законско решение, со кое што независно од политичка волја, од тоа дали има избори или нема, пензиите и минималната плата ќе растат секоја година согласно законските решенија 50 проценти со порастот на трошоците и 50 проценти со порастот на просечната плата“, рече Ковачевски.

При тоа, Ковачевски потенцираше дека паралелно со порастот на платите и пензиите, благодарение на преземените антикризни мерки за ограничување на цените на основните прехранбени производи, како и субвенционираната електрична енергија за сите индустрии кои работат во делот на прехранбената индустрија, се намали инфлацијата, која веќе трет месец по ред е 3,2%. Правилните политики и мерки преземени од Владата предводена од СДСМ, доведоа до намалување на невработеноста, но и пораст на вредноста на инвестициите.

„Невработеноста од 24 проценти е намалена на 12,8 проценти. Директните инвестиции од 356 милиони евра колку што изнесуваа во 2016 година на годишно ниво во време на криза достигнаа 735 милиони евра“, посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервјуто за МИА.

Последни вести