fbpx

Колумна на Стефан Богоев: ДУПови

Facebook
Twitter
LinkedIn

ДУПови

Изминативе 7-8 години, можеби една од главните секојдневни, јавни, но и честопати политички теми се деталните урбанистички планови, таканаречени ДУПови. ДУПовите до скоро беа нешто сосема нормално, планови кои имаат за цел да го организираат и планираат живеењето во населбите.

За оние понеупатените, во деталните урбанистички планови се предвидува каде, со кои максимални висини и катности, со колку максимални метри квадратни може да се гради куќа, зграда, трговски центар, градинка или училиште. Може да се предивид каде и каква улица ќе има, каков парк или детско или пак спортско игралиште да се изгради. ДУПовите имаат предвидени и вкупен број на жители во населбата, податок кој го влечат од ГУП (Генерален Урбанистички План) кој е план од повисок ранг од ДУПот. Практично, во урбанизмот, ДУП е закон, ГУП е Устав. Урбанистичките планови се она што не прави да живееме организирано и цивилизирано. Основна дејност на архитектите кои се од областа на урбанистичкото планирање е изработката на овие планови.

Деталните урбанистички планови се можност за хумано живеење и економски развој на општината, компаниите и граѓаните.

И сето ова вака кажано личи многу досадно, едноставно и прилично бирократски, се додека не се вмеша бизнисот и политиката во урбанистичкото планирање.

Првите сериозни јавни бранувања на оваа тема се поврзани со проектот “Скопје 2014”. Се сеќавате дека режимот на ДПМНЕ во доцните ноќни часови со специјалци тепаше граѓани кај Бристол за насилно на местото на парк да изгради зграда!? Ги гледате секојдневно оние чудовишни бетонски зданија на падините на Водно кои како да чекаме не дај боже секој момент да паднат врз градот!? Го гледате урбанистичкиот хаос кој му се случува сега на Аеродром!? Сето тоа доведе до степен граѓаните буквално да се ежат кога ќе слушнат за ДУПови. ДПМНЕ од нешто што треба да обезбеди хумано и урбано живеење, направи милионски бизнис и хаос.

И сега повторно, слушаме деновиве нови скандали за нови ДУПови, повторно донесени на итни седници, во попладневни часови, па дури и за викенди. ДПМНЕ повторно се враќа на она што најдобро знае да го работи, да гради нови џиновски станбени згради во кои токму нивни функционери за џабе ќе добиваат станови. На сметка на зеленило, на штета на воздухот кој го дишиме.

Откако лани удрија во Аеродром и Ново Лисиче со огромни станбени блокови, сега, ДПМНЕ напаѓа на другата страна на градот, во Ѓорче Петров. И тоа замислете, со згради од над 60 метри и илјадници нови жители и исто толку нови возила. Деца кои ќе немаат каде да играат бидејќи нема паркови, родители кои ќе нема каде да паркираат бидејќи нема паркинзи, затната канализација и слаб притисок на вода кои се во иднина неминовни поради оптеретувањето.

И ако мислите дека тоа е се, се лажете. ДУПот во Ѓорче кој се донесе за викенд, далеку од очите на јавноста предвидува и нови хемиски фабрики. Замислете, сред град, град во кој и онака воздухот е загаден, предвидувате нови хемиски фабрики. Значи покрај што ќе загадуваат, па и од новите шеесетметарски згради ветре нема да може да направи провев и да го исчисти воздухот! И зошто ова го нагласувам? Затоа што во Скопје има административни граници меѓу општините, но граници во воздухот нема! Еден ветер да дувне и загадениот воздух од фабриките во Ѓорче ќе го донесе во Карпош, Центар, Аеродром, Кисела Вода…

Ако ние во нашите мандати како градоначалници садевме дрва, подигавме нови паркови, чистевме депонии и носевме ДУПови за развој на неразвиените делови на градот (Злокуќани, Касарна Илиниден…), овие градоначалници на ДПМНЕ, повторно ја тераат истата мафијашка песна.

Историјата се повторува! Секогаш кога е ДПМНЕ на власт во општините, зеленилото и воздухот се жртва на нивните интереси измерени во метри квадратни. Настрада лани Аеродром и Лисиче, сега страда Ѓорче, по она што го слушам, следна жртва ќе биде Кисела Вода.

Какво ќе биде ДПМНЕ на власт во државата, можете да процените по тоа какво е по општините. Во Штип секретар на општина гради дивоградба, во Битола го згрешија кружниот тек, во Прилеп градоначалник не постои, а во Скопје, се враќа на сцена урбаната мафија.

Доаѓаат претседателски и парламентарни избори. Да бидеме мудри и паметни во одлуките!

П.С. Почнаа и партиските обезбедувачи на ДПМНЕ да делат правда со тупаници низ Скопје. Баш како во времето на Мијалков и Груевски!

Последни вести