fbpx

Ковачевски: Патот кон Европа е тежок, но тоа е единствената шанса за нов систем и европски стандард

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Свесен сум дека патот на Македонија кон Европската Унија е трнлив и тежок но тој е единствената шанса за суштински промени, воспоставување нов систем и европски животен стандард, рече вечерва во Охрид, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски при отворањето промотивен штаб на партијата.

-Јас сум прагматичен човек со долгогодишно искуство во бизнис секторот. Затоа не сакам да се расфрлам со празни ветувања и убаво спакувани фрази. Сакам да зборувам отворено, искрено и конкретно. За да го постигнеме тоа, за да имаме целосно нов систем тој мора да биде изграден по правилата на Европската унија и со нивни надзор. Како премиер на државата најдобро знам какви неправди има и каков напор е потребен за да продолжиме да чекориме по тој пат со исправена глава. Но, на нашата Македонија ѝ е потребно членството во ЕУ. Нам и на нашите млади нѝ е потребно европското семејство. Тоа не значи само дека ќе седиме на иста маса, рамноправно со најразвиените држави во Европа. Тоа значи и поквалитетно здравство, помодерно образование, праведен судски систем, поразвиена економија и подобар квалитет на живот за сите нас кои гордо и исправено живееме и работиме во нашата Македонија, рече Ковачевски.
Знаеме дека во изминатите години направивме и одредени грешки. Точно знаеме и кои се тие грешки. Спремни сме да прифатиме критика, да се менуваме, да се подобриме, додаде Ковачевски.

-Но, да не заборавиме дека за време на владеењето на СДСМ, Македонија стана рамноправна членка на НАТО и започна преговори со ЕУ после 17 години поминати во чекалницата. Ја поставивме визијата за европска иднина на нашата земја и одиме до крај со неа! Нема откажување од иднината! Ние во СДСМ никогаш нема да се откажеме од тој пат. Затоа што тоа е вистинскиот пат кон подобра иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Охрид.

Последни вести