Соопштение за јавност
Знам дека нашиот пат кон ЕУ е еден од најтешките. Европската Унија не беше секогаш фер кон нас. Нема друга држава во регионот која поминала толку тежок пат. Но, јас одговорно тврдам дека друга алтернатива нема. На нашата Македонија ѝ е потребно членството во ЕУ. Нема друго решение. Ако ви кажат нешто друго, ве лажат. Толку е едноставно, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Битола.
-Сите знаат дека ЕУ значи поквалитетно здравство, помодерно образование, праведен судски систем, поразвиена економија и подобар квалитет на живот за сите нас кои гордо и исправено живееме и работиме во нашата Македонија. Затоа СДСМ отворено и искрено го нуди ова. Го ставивме на маса пред граѓаните и цврсто велиме: Ова е нашата опција – Македонија дел од Европската Унија, рече Ковачевски повикувајќи ги граѓаните заедно да ја исполниме таа цел.
Нашите политички противници ветуваат лесни решенија, лиферуваат идеи и предлози кои и самите знаат дека не можат да ги исполнат и само критикуваат. А кога ќе ги прашате која е нивната визија и алтернатива за Македонија – тие нити знаат, нити кажуваат, нити имаат план, додаде Ковачевски.
-Тие нема да мрднат ни милиметар кон Европската Унија, и кога нема да има никаков прогрес, не само што нема да си ја признаат грешката, не само што нема да кажат дека лажеле, тие исто како Груевски ќе ги обвинуваат сите други, и ќе ја обвинуваат Европската Унија. Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре, порача Ковачевски.
Од овие избори зависи дали ќе останеме вистинскиот пат кој води кон просперитетна, развиена и европска Македонија или ќе дозволиме Мицкоски и ДПМНЕ да нè заглават во калта на безнадежноста и безизлезноста. – истакна Ковачевски
-СДСМ е партија со јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда. Затоа на 8-ми мај ќе прогласиме голема победа, а веќе на 9-ти мај, Денот на Европа, ќе ја најавиме новата Влада и ќе продолжиме со нова енергија да работиме за европска иднина на Македонија. – порача Ковачевски од Битола, од отворањето на промотивниот штаб на СДСМ.