fbpx

Ковачевски: Овие избори се поразлични, само со глас ЗА може да одиме напред

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

„Овие парламентарни избори се поразлични од сите досега. Затоа, почитувани граѓани, добро размислете кој заслужува да ја води државата. Кој има јасен план и визија за подобра европска иднина за вашите деца и внуци. Јас знам дека најлесно е да се гласа ПРОТИВ. Но, само ако гласаме ЗА може да одиме напред и да изградиме подобра држава за нашите деца, држава во која тие ќе сакаат да живеат“, им порача на присутните граѓани претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски.

Тој додава дека „казната“ и гласањето ПРОТИВ се краткорочна активност која ќе има долгорочни последици.
„СДСМ е силна партија! И во победи и во порази и во тешки и во лесни и во добри и во кризни времиња. Затоа и сега, јасно и гласно им порачувам на нашите политички противници, ниту на сон да не помислат дека ќе се откажеме. Да, резултатите од првиот круг на претседателските избори се казна и порака дека граѓаните не се задоволни од дел од нашите политики, одлуки, решенија во изминатите седум години. Јас ги слушам и прифаќам критиките од граѓаните. И кога со нив разговарам на улица, и кога одам на пазар и од она што го читам на социјалните медиуми. Тие со право критикуваат“, вели Ковачевски и додава дека никогаш нема да ги прифати критиките кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ и ученикот на Никола Груевски, Христијан Мицкоски.
„Никогаш нема да ги прифатам критиките од Белата палата, која е симбол на безмилосниот грабеж и злоупотреби што ги направија додека 11 години владееја насилно и автократски. Никогаш нема да ги прифатам критиките кои доаѓаат од политичари кои отворено заговараат загрозување на европската иднина на Македонија“, посочува Ковачевски.

Тој во обраќањето вели и дека СДСМ е обединета и силна партија, партија која секогаш останала на браникот на татковината и е партија која е подготвена да се бори за државата и подобра иднина за граѓаните.
„Тоа го докажавме и во изминатите неколку години, кога за време на тешката енергетска и економска криза не ги оставивме граѓаните сами во ниту еден момент. Ги зголемивме платите и пензиите, ги заштитивме работните места со поддршка на домашните бизниси и обезбедивме 2,6 милијарди евра за антикризни мерки“, порача Ковачевски на вечерашниот митинг во Драчево, општина Кисела Вода.

Ковачевски вели дека не се откажале ниту кога се носеле тешки, но исправни одлуки, наведувајќи го како такви зачленувањето во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, додавајќи дека нема да се откажат од нивната визија за европска Македонија, со европски животен стандард и европски вредности.

„Од другата страна, имаме луѓе кои се откажуваат при првиот предизвик. Најдобар доказ за тоа е нашето Скопје. Мицкоски гордо парадираше со градоначалничката која тие ја поддржаа. Заедно со неа најавуваше и паркови, и почист воздух, и еко-автобуси и урбанистички ред“, вели Ковачевски, додавајќи дека не само што ВМРО-ДПМНЕ не сработиле ништо од тоа, туку и дека секојдневно за истото се изземаат од било каква одговорност.

Последни вести