fbpx

Колумна на Димитар Ковачевски: Нема откажување!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Нема откажување!

Се наоѓаме во едни од најспецифичните времиња на македонската историја, исправени пред еден голем предизвик, дали конечно тргнеме напред или ќе почнеме да се враќаме назад.

Македонија условно кажано, се наоѓа на последните 50 метри од членството во Европската Унија и наша задача и обврска е да направиме ѐ што е во наша моќ за да ги изодиме тие последни европски чекори и конечно, да го најдеме нашето место во големото европско семејство.

СДСМ е партија која е препознатлива по носењето на тешки, но исправни одлуки. Тие одлуки, иако на прв поглед можеби некому му изгледале чудни, на долгите патеки се покажале дека се носени во вистинската насока.

Ги потсетувам граѓаните и во моите јавни настапи, СДСМ заедно со тогашниот претседател, Киро Глигоров, во 1993-та година ја внесоа државата во Обединетите Нации. По успешно спроведениот референдум за независност во 1991-вата, на 8 април 1993 година Македонија беше примена како 181-ва членка на ОН, со акламација во Генералното Собрание на ОН.

Повозрасните наши сограѓани ќе се сетат колку „жртви“ тогаш се направија, колку нашата дипломатија помогна при зачленувањето, но и колкаво е значењето на СДСМ во таа историска одлука. Тоа воопшто не беше лесно, но сепак нашите претходници не се откажале. 30-тина години подоцна, се наоѓаме пред самиот почеток на уште една успешна меѓународна приказна – полноправно членство во Европската Унија.

Не се откажа ни владата предводена од СДСМ во 2005-та година, која буквално поместуваше планини за да станеме земја-кандидат за членство во ЕУ. Но го премостивме и тој дел, за сега, веќе да имаме отпочнато преговори со Европската Унија. Во име на иднината на Македонија, нема да се откажеме ниту јас, ниту СДСМ.

Тешките одлуки значеа многу политички компромиси и внимателно водење на процесот на зачленување на Македонија во НАТО. Тешките, но исправни одлуки, ги почувствуваа и граѓаните преку справувањето со здравствената, економската и енергетска криза кои го зафатија светот.

Владата предводена од СДСМ со над 2,6 милијарди евра успеа да ги заштити граѓаните и бизнисите, да ја зачува македонската економија на едно стабилно ниво, но и да ги зголеми платите и пензиите. И тоа не е мала работа. Бевме сведоци на тоа како многу поголеми и поразвиени земји од Македонија едвај се справуваа со кризите.
Зборуваме и на митинзите, разговараме со граѓаните и раката е подадена кон сите прогресивни сили кои ѝ мислат добро на државата. Стигнавме до овде, сега нема откажување.

Гласот за Стево Пендаровски, СДСМ и коалицијата на 8-ми мај значи глас за сигурна и европска иднина на Македонија, без да се чепка во идентитетот или сувереноста. Гласот ЗА значи членство во Европската Унија, што со себе носи подобро здравство, подобри услови во образованието, неселектива правда и одлучна борба против корупцијата.
Пораката која ни ја испратија граѓаните на 24-ти април е примена со сета должна почит кон сите што се одлучија да ни испратат таква порака и лекцијата е научена. Свесни сме за грешките што се направија со одредени политики или кадровски решенија.
На 8 ми мај одлуката не е за политички кариери, не е за поединци. Одлуката е за сите наши граѓани, за иднината на Македонија.

Затоа не смееме да се откажеме.

Гласот ПРОТИВ е глас кој е со краткорочен ефект, но со себе носи долгорочни последици.
Со гласот ЗА им испраќаме порака и на идните генерации, кон нив имаме морална должност и обврска да се грижиме за тоа што ќе се случува со државата, наместо да ги враќаме назад. Затоа што и тие заслужуваат живот како нивните врсници од западноевропските земји.

Имаме историска шанса заедно на 8-ми мај да направиме голем исчекор за нашата иднина, да го загарантираме нашето место во ЕУ и со тоа, да ја направиме Македонија едно можеби мало по површина, но сосема пристојно место за живеење.

Нашата иднина е во ЕУ и време за чекање веќе немаме. Затоа, да не дозволиме да се откажеме и да ја изгубиме оваа шанса за подобар живот за нас, за нашите деца, за нашите внуци и идните генерации дома, тука во Македонија.

Последни вести