Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Прес 24 жестоко го критикува актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го „бледа копија“ на партијата од времето на Никола Груевски. Според Филипче, главната разлика помеѓу сегашното и минатото раководство на партијата е само во името на претседателот, додека сè друго е непроменето.
„Се појасно станува дека во ВМРО-ДПМНЕ единствената промена е што сега не е претседател Груевски туку Мицкоски. Сè останато е пресликано како под индиго. Добивме една бледа копија на ВМРО-ДПМНЕ од пред десет години, со далеку понеспособни кадри,“ изјави претседателот Филипче, алудирајќи на неспособноста на новите кадри во партијата да понудат нешто ново и различно.
Тој предупредува дека овој модел на владеење, според него, ќе ги потисне интересите на граѓаните во полза на малку луѓе околу врхушката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е власт која ќе креира политики само за себе и подобните граѓани за ВМРО-ДПМНЕ, а сите останати ќе бидат неважни. Власт која ќе ги држи граѓаните во постојан грч и страв, со дневна пропаганда на поделби, непријатели и дестабилизации. Веќе видено сценарио,“ вели претседателот Филипче, нагласувајќи дека овие политики се рецидиви од минатото.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ нема да работи за подобрување на стандардот на граѓаните, туку само за интересите на одредени поединци и групи кои ќе имаат единствена задача да обезбедуваат гласови на избори.
„Ова ќе биде власт која нема да го подобрува стандардот на граѓаните туку на поединци и групи. Тие поединци и групи ќе имаат за задача да обезбедуваат гласови на избори и тоа е сè што го интересира ВМРО-ДПМНЕ,“ додаде тој.
Претседателот Филипче изрази жалење за недостатокот на каква било позитивна промена во ВМРО-ДПМНЕ.
„Навистина жалам што нема никаква промена во ВМРО-ДПМНЕ, жалам што не гледаме едно ново модерно владеење, со научени грешки од минатото,“ заклучи тој, повикувајќи на потребата од модернизација и промена во политичката сцена.