fbpx

СДСМ: Итно да се врати бесплатниот пристап на новинарите до Централниот регистар!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

 

Одлуката на актуелната власт да го укине бесплатниот пристап на новинарите до информациите од Централниот регистар претставува директен напад врз слободата на медиумите и уште еден очигледен чекор кон намалување на транспарентноста во државата. Оваа одлука е обид да се забави работата на новинарите и да се спречи нивната брза и ефикасна истрага за теми од јавен интерес. Со ова, Владата не само што ги гуши медиумите, туку и го загрозува правото на граѓаните да бидат информирани за случувањата во земјата.

Да потсетиме, уште од 2017 година, благодарение на одлуката на Владата предводена од СДСМ, новинарите имаа бесплатен пристап до базата на Централниот регистар, со што можеше брзо и ефикасно да се обезбедат потребните податоци за истражувачките новинарски стории. Со сегашната одлука, ова право се укинува, што дополнително го ограничува пристапот до информации од јавен карактер, кои се клучни за транспарентноста и отчетноста на власта.

Актуелното раководство на Централниот регистар одлучи дека оваа одлука на претходната влада „не е во согласност со законот“, според кој бесплатен пристап имаат само корисниците на средства од Буџетот на Република Северна Македонија, но не и новинарите. Ова е неприфатливо и претставува брутален обид за замолчување на медиумите и ограничување на нивната улога во контролата врз власта.

СДСМ најостро ја осудува оваа одлука и бара итно да се врати бесплатниот пристап на новинарите до Централниот регистар! Власта нема право да ги спречува новинарите во нивната работа и да ја урива транспарентноста која е темел на демократијата. Новинарите мора да имаат слободен пристап до сите информации кои се во интерес на јавноста, за доброто на граѓаните и на нашето општество.

Транспарентноста е должност, а не право кое треба да се ускратува!

Последни вести