fbpx

Битиќи: Власта нанесува удар врз системот на транспарентно управување со буџетите

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Битиќи: Власта нанесува удар врз системот на транспарентно управување со буџетите

„Имаме тенденција на заобиколување на клучните институции кои треба да обезбедат независност и стручност во управувањето со јавните финансии. Оваа практика е дополнително зајакната со фактот дека предложените измени се носат без официјално мислење од Министерството за финансии – институцијата што е директно одговорна за дизајнирање, спроведување и надзор на фискалната политика,“ рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи во однос на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за буџети, за кој денес се расправаше на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.

Битиќи оцени дека изоставувањето на мислењето на министерството за финансии не е само административен пропуст, туку и отворено игнорирање на неговата стручна улога, што остава простор за импровизации и политички влијанија. Според него, ова го поткопува целиот процес на носење на измени во закон кој има системско значење.

„ Отсуството на мислење сугерира дека или предложените измени се политички наметнати без консултација со ресорното министерство, или дека министерката за финансии не го користи својот авторитет за да ја одбрани важноста на професионалниот пристап во оваа клучна реформа. Дали премолчувањето на игнорирањето на Министерството е показател дека министерката не се согласува со предложените измени, но е принудена да молчи? Или, пак, ова е сигнал дека овие измени се политички диктирани и не се базираат на стручни анализи?“, запраша пратеникот Битиќи.

Осврнувајќи се на бришењето на одредби од Законот буџети, во кои е прецизирано кои јавни субјекти се регистрираат, Битиќи појасни дека регистарот останува, но останува и недефинирана обврската за тоа кој „активно се ажурира“.

„Ова претставува чекор наназад во однос на транспарентноста. Овој регистар беше основна алатка за јавноста и институциите да ги следат активностите на буџетските корисници и јавните претпријатија. Се отвора простор за прикривање и недоследности, што директно го удира кредибилитетот на јавните институции“, рече Битиќи.

Зборувајќи за укинувањето на одредбите кои ја регулираат формата и содржината на извештаите за извршување на буџетот, како и на полугодишните извештаи за извршување на буџетот на државата и општините, Битиќи истакна дека ова станува збор за удар врз доследноста во известувањето.

„Кога ќе се отстрани обврската Министерството за финансии да пропишува унифицирана форма и содржина на извештаите, се отвора простор за непотполни, селективни и неусогласени податоци. Овие извештаи се клучни за јавниот увид во трошењето на средствата и за контролата од страна на институциите и граѓаните. Со ваквите измени, директно се намалува можноста за транспарентна контрола на јавните финансии, што претставува длабоко загрижувачки чекор наназад за демократската отчетност и довербата во јавните институции“, рече Битиќи.

Последни вести