fbpx

СДСМ со 7 економски мерки за спас на стандардот на граѓаните

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес-конференција, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ

Почитувани граѓани,

Секој ден сè повеќе граѓани се борат да ги платат сметките и да купат храна за своите семејства. Цените растат, а платите не се менуваат. Пораснаа сметките за парно, за струја, за основни производи. Буквално нема што не е поскапено. Ги гледаме луѓето како се откажуваат од основни намирници, задолжуваат или бараат начин да заштедат таму каде што веќе нема простор за штедење.

Во меѓувреме, Владата на ВМРО-ДПМНЕ е изгубена. Нема план, нема решенија, нема вистинска грижа за народот. За осум месеци, не понудија ниту една мерка не го намали овој товар. Напротив, кризата станува сè подлабока, а луѓето се сè понемоќни. Дури и оние мерки кои ги понудија сега, кои претходно ги критикуваа и одбиваа, не се способни да ги спроведат.

СДСМ докажа во минатото дека има проверени и конкретни економски мерки за ваквата состојба. Сега нудиме пакет решенија за спас на стандардот на граѓаните.

Со 7 економски мерки, ќе го олесниме животот на секое семејство и ќе ги заштитиме граѓаните од понатамошен пад на животниот стандард.

Дозволете ми уште еднаш да ги претставам овие мерки, кои нашите пратеници ќе ги преточат во предлог закони и ќе ги поднесат во Собранието:

1. Намалување на ДДВ за електрична енергија од 18% на 5%.
Ова ќе значи намалување од најмалку 13% на сметките за струја. За едно семејство, тоа е заштеда од околу 400 денари месечно.

2. Намалување на ДДВ за основни прехранбени производи.
Во комбинација со замрзнување на цените и фиксирање на маржите, ова ќе донесе намалување на цените дури и до 30%.

3. Замрзнување на цените на основните производи.
Трите месеци стабилни цени ќе значат предвидливост за граѓаните и помала грижа како да ги распределат своите примања.

4. Фиксирање на маржите за основните производи.
Ќе ги спречиме манипулациите и злоупотребите од страна на трговците.

5. Итна примена на Законот за нефер трговски практики.
Овој закон, што го донесе СДСМ, ќе ги заштити граѓаните од злоупотреби и ќе обезбеди ред на пазарот.

6. Намалување на цената на „зелениот картон“ за автомобили.
Семејствата и малите бизниси ќе добијат олеснување, со годишна заштеда од 9 до 11 милиони евра.

7. Зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите.
350.000 граѓани ќе добијат месечно зголемување на платите од 3.000 до 15.000 денари.

Овие мерки се осмислени да делуваат брзо и ефикасно! Тие ќе го намалат притисокот врз вашите буџети, ќе донесат повеќе пари назад во секое домаќинство и ќе ја стабилизираат економијата.

Од друга страна, Владата на ВМРО-ДПМНЕ нè доведе до оваа состојба и сега нуди само половични и задоцнети решенија. Затоа, СДСМ не само што предлага мерки, туку активно работи за нивна реализација, бидејќи граѓаните заслужуваат итна и ефикасна акција. Затоа што животниот стандард на граѓаните е наш приоритет!

Ви благодарам.

Последни вести