Соопштение за јавност
Филипче од Кавадарци: ВМРО-ДПМНЕ им го сврте грбот на лозарите – укинати субвенции, стопирани програми
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Кавадарци, имаше средба со лозари, на којашто се разговараше за состојбата во земјоделството, посебен акцент на отсуството на развојни мерки од страна на Владата на ВМРО ДПМНЕ за поддршка на лозарството како извозно оринетирана гранка.
Во обраќањето пред лозарите, Филипче посочи дека за една година ВМРО ДПМНЕ ги понижи и осиромаши сите земјоделци вклучително и лозарите. Во делот лозарството и винарството, не само што не се донесоа развојни мерки, туку се скратија и постоечките добри мерки донесени од Владата на СДСМ, како авансната исплата, стопирана е и програмата за мали винарии и дестилати, укината е субвенцијата за високо квалитетно грозје и намалена е поддршката за саемски манифестации за промоција.
„ВМРО ДПМНЕ беа гласни за земјоделците пред изборите, ветуваа се и сешто, а само за една година покажаа дека не го вреднуваат ниту трудот на земјоделецот, ниту ги интересира развојот на земјоделството особено на стратешките гранки како што е лозарството и винарството. Ги стопираа програмите за финансирање на мали семејни винарии. Ланската 2024 година е прва година кога немаше субвенции за килограм предадено винско грозје, додека претходните години беше по 2 или 3 денари за килограм во зависност од приносите на грозје во тековната година. Во програмата за субвенционирање на лозарството укината е и мерката за субвенционирање на хектар лозов насад во висина од 60.000 денари по хектар за производство на грозје за високо квалитетни вина, што како мерка беше во програмата за субвенционирање во 2024 година“, рече Филипче.
Говорејќи за потребата од поддршка на лозарството и винарството како наши извозни се стратешки гранки, Филипче потсети дека Владата на СДСМ во својот мандат, заедно со лозарите, со винариите, донесе низа мерки и нови политики за поголема поддршка на овој сектор.
„Со Законот за вино се загарантираа најниските откупни цени на грозјето, и како резултат на овие измени во 2024 година се постигна највисока просечна откупна цена кај сите вински сорти. Се олеснија условите за формирање на мали семејни винарии кои дотогаш не беа во можност да се формираат и регистрираат како такви. Воведовме нови програми за поддршка на малите винарии, беа доделени над 150 грантови од по 10 илјади евра, за набавка на опрема и за модернизација на малите семејни винарии. Лозарите беа опфатени и со мерката за субвенции за зелена нафта и со моделот за авансна исплата на субвенциите“, рече Филипче.
На средбата, Филипче посочи дека благодарение на успешноста на мерките на СДСМ се потврдува со фактот што Македонија стана број еден извозник на вино во регионот и 13-ти извозник на вино во светот. При тоа, Филипче порача дека СДСМ секогаш ќе биде на страната на сите земјоделци и ќе нуди мерки не само за вреднување на нивниот труд, туку и за зголемување на домашното производство на земјоделски производи. Тоа како што кажа, подразбира и силна поддршка за лозарството и производството на вино, што е една од најзначајните гранки во нашата земја, со стратешка економска важност.