Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка
Почитувани,
Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните.
Четири години кои наместо развој и проекти за граѓаните, донесоа само разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери.
Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се претворија во епицентар на тендерски шеми и партиски злоупотреби на народните пари.
Преку фирми блиски до власта, систематски се испумпуваа пари од граѓаните. Најочигледен доказ за тоа е фактот дека едни исти фирми, и во општините и во државните институции, добиваат милионски тендери и речиси секогаш се јавуваат како единствени понудувачи. Тоа не е конкуренција, тоа е корупција во најчиста форма.
Додека јавните пари се трошат за партиски бизнис шеми, ВМРО-ДПМНЕ ги удри граѓаните по џеб. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ воведе поскапи сметки за вода, канализација, смет и го зголеми данокот на промет.
Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Ѓорче Петров, Бутел, Неготино, Гевгелија, Велес, речиси и да нема општина водена од ВМРО-ДПМНЕ каде не се покачени сметките за граѓаните .
Наместо да ги олеснат животите на луѓето, тие ја зголемија цената на секојдневието, оставајќи ги граѓаните со повисоки давачки и со посиромашни општини.
А сликата на општините под капата на ВМРО-ДПМНЕ е срамна: улици полни со ѓубре, сообраќаен хаос, никакви инфраструктурни решенија, ниту еден сериозен проект за подобар живот. Наместо развој, видовме само застој и назадување.
На ова се надоврзува долгиот список на неисполнети ветувања. Изборните програми остана само на хартија, а граѓаните добија четири години изгубено време.
Најголемиот пример за оваа катастрофална локална власт на ВМРО-ДПМНЕ е токму главниот град Скопје.
И во Скопје 4 години ВМРО-ДПМНЕ е локална власт: нивни партиски луѓе како Перински, Христовски, Велковски, Славевски, управуваа со јавните претпријатија во Скопје, со Советот на Градот, со сите полуги на локалната власт.
После 4 години Скопје е симбол на хаос во јавниот превоз, со нечисти улици и смет на секој чекор, со ниту еден нов капитален проект, јавните претпријатија пред распад и тотално нефункционални.
Дополнително, Скопје е задушен град од сообраќаен хаос и урбано дивеење.
Над 150 незаконски дивоградби, криминал тежок над 220 милиони евра, узурпиран јавен простор, загрозена безбедност и уништен урбанистички ред. Тоа е сликата на Скопје со ВМРО-ДПМНЕ.
Клучното ветување за бесплатен градски превоз во Скопје никогаш не се реализираше. Ги нема ниту ветените 250 еколошки автобуси, нема ниту модерен еколошки транспорт.
Ова е слика на целата локална власт на ВМРО-ДПМНЕ низ Македонија: неспособна, корумпирана и целосно оддалечена од потребите на граѓаните.
Наместо локалната самоуправа да биде сервис на народот, тие ја претворија во сервис за сопствени интереси и партиски привилегии.
Почитувани, четирите години докажаа дека ВМРО-ДПМНЕ ја има најнеспособната и најкорумпираната локална власт досега.
Затоа, локалните избори се шанса за клучни промени на локално ниво. Шанса да се стави крај на четиригодишното разочарување на ВМРО-ДПМНЕ, на хаосот, нереализираните ветувањања, урбаната мафија и криминалот. Шанса да се вратат општините таму каде што им е местото: во служба на граѓаните.