Прес конференција на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Битола, Методија Куновски
После 4 години разочарувања, доаѓа крајот на работењето на Тони Коњановски за тебе-мене, за мала група луѓе, за ВМРО-ДПМНЕ! Битола ќе избере градоначачник што го става Човекот пред сѐ!
Четири години битолчани се сведоци на недомаќинлук, аздисаност, лицемерие. Раскопани, небезбедни, калливи и нефункционални улици. Денес се асфалтира, утре се прекопува, пак се асфалтира и одново се прекопува. Четири години слушаме изговори наместо одговори кој го промашил кружниот тек кај Ветеринарната, улицата Бурса, улицата Стив Наумов и многу други. Никој за ништо не одговара!
За 4 години, Коњановски ја претвори Битола во град – загубар. Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а една нова лопата не е купена. Укинати се слободните 15 минути паркинг, а нови паркинг места нема. Најблиската катна гаража во Битола, е во Прилеп!
Зголемена е цената на водата, а секој втор ден жителите на повисоките места во Битола немаат вода!
Сите училишта вкупно должат скоро 50 милиони денари, a некои се затворени оти крововите им прокиснуваат. Без градинка остана Бистрица и околните села!
За четири години, Коњановски потроши над 150 милиони евра, а не изгради ниту еден од капиталените објекти што ги гарантираше! Го нема новиот спортски комплекс, новото училиште во Буковски ливади, петте кружни текови, Копанки, големата странска инвестиција и новите работни места во Жабени. Наместо тоа, битолчани добија, импровизиран кружен тек кај Стрелиште, сообраќаен хаос, депонии на местата на срушените гаражи!
И она што СДСМ го изгради во минатите години, ВМРО-ДПМНЕ го уништи! Градот е без Сообраќаен центар за полагање возачки испити!
Коњановски немаше пари за поддршка на ранливи категории семејства, а заедно со тајфата потроши над 4.000.000 денари за јадење и пиење во битолските кафеани. Си купи и нови возила за 10.000.000 денари од фирма блиска на министерот за надворешни работи!
Коњановски за 4 години ја однесе Битола во слепа улица во која граѓаните се небезбедни и животно загрозени од бездомни кучиња! Градот е уназаден, унаказен и заглавен во долгови!
За среќа, денешниот е последен отчет на градоначалникот во заминување, Тони Коњановски. После 4 години разочарувања, битолчани ќе изберат одговорна, транспарентна и отчетна локална власт! Битола заслужува градоначалник кој нема да работи за тебе, за мене, за себе, туку за сите!