ИНТЕРВЈУ на Стефанија Кузмановска за Слободен печат: На младите местото им е на масата каде што се носат одлуките

Facebook
Twitter
LinkedIn

Дваесет и седумгодишната Стефанија Кузмановска од Демир Хисар, дипломиран инженер по хемија, е новата претседателка на Социјалдемократската младина (СДММ). Во интервју за „Слободен печат“, Кузмановска вели дека за време на својот мандат ќе се обиде да изгради силна, прогресивна, отворена СДММ, која активно ќе учествува во креирањето политики и ќе игра клучна улога при носењето на позитивни општествени промени.

Што за Вас лично значи изборот за претседателка на СДММ и која е вашата главна цел во мандатот што следува?

– Во СДММ се градев чекор по чекор. Започнав од локалните структури како обичен член и активист, вложувајќи го максимумот од себе. Затоа, за мене изборот за претседателка на СДММ не значи само добивање на одредена функција во младината и партијата. За мене, изборот за претседателка на СДММ претставува чест и задоволство, но пред сè – огромна одговорност, признание за досегашната работа, а и обврска да продолжам да придонесувам кон развојот на СДММ, СДСМ и општеството генерално. Значи дека за сè она за што сум се борела изминатите години, сега ќе можам и директно да го застапувам. Главна цел за наредниот двегодишен мандат ќе биде заеднички да изградиме силна, прогресивна, отворена СДММ, достапна за секој млад човек, која активно ќе учествува во креирањето политики и ќе игра клучна улога при носењето на позитивни општествени промени. Младина во која секој млад човек ќе се чувствува слушнат, вреднуван и мотивиран да се вклучи.

Младите често велат дека политичарите зборуваат за нив, но ретко ги прашуваат што навистина им треба. Како планирате СДММ да го промени тој однос и да стане вистински глас на младите?

– Пред сè, СДММ е дом каде што се градат генерации на храбри, гласни и непоколебливи млади кои умеат да водат. СДММ е предводник во создавањето на простор каде младите не се само декларативно присутни, туку и се во првите борбени редови. И несомнено, политичарите во СДСМ не само што зборуваат за нас, туку и нè прашуваат што нам ни треба. Младите не треба да бидат пасивни набљудувачи на политиките, туку активни креатори. Во периодот што следува, ќе создадеме канали и механизми преку кои сите млади ќе можат директно да учествуваат во креирањето на приоритетите на младите, независно дали се дел од партиските структури или не. Нашата задача не е само да бидеме гласот на младите, туку и да создадеме простор во кој младите сами ќе зборуваат, ќе бидат слушнати и ќе имаат влијание. Нам ни е местото на масата каде што се носат одлуките.

Многу млади не сакаат да се занимаваат со политика затоа што сметаат дека партиите ги активираат најмногу во предизборни периоди. Што конкретно ќе направите за да покажете дека СДММ не е само организација за време на избори?

– Природно е поголемиот дел од младите луѓе да не сакаат да се занимаваат со политика, иако најголем фактор е и апатијата кај младите. И тоа не е предизвик со кој се соочуваме само ние во Македонија, туку глобален предизвик. Но, кога зборуваме за политика, не зборуваме само за политички партии. Да, апатијата на младите првенствено е кон политичките партии, но за жал – апатијата на младите е и кон политиката генерално. Меѓутоа, реалноста за СДММ не е онака како што се претставува во јавноста. СДММ нуди можности за секој млад човек. Точно е дека во предизборните кампањи носиме огромен товар, но тоа не е целокупното и единствено искуство кое го стекнуваме во рамките на младината. Во СДММ креираме политики и предлагаме иницијативи, покажуваме тимски дух, организираме летни и зимски кампови, обуки за менторирање, даваме можности за вмрежување итн. Визијата на мојата програма е уште повеќе да го зајакнеме тоа што досега сме го изградиле, а СДММ да е организација која не функционира само за време на изборни кампањи, туку нуди континуирана вредност за своите активисти, но генерално и за младите, 365 дена во годината.

Дали СДММ ќе биде вистински независен глас на младите во СДСМ, дури и кога тоа значи јавно да се спротивстави на одлуки или политики на партиското раководство?

– СДСМ е демократска партија, а во секоја демократија, сосема здраво и природно е да има спротивставени мислења. Во голема политичка партија како СДСМ, има членови со различни мислења, ставови, карактери, позадини, но и голем јаз во генерациите. Како и во општественото организирање, може да постојат различни ставови. На крајот, најважно е дека и СДММ и СДСМ се стремат кон подобрување на животниот стандард за сите граѓани, а идеологијата нè обединува сите. СДММ е прогресивна организација која има јасни ставови и храброст отворено да разговара за прашањата што ги засегаат младите. СДММ е партнер на СДСМ, но и критички коректив кога е потребно, со цел да придонесеме кон подобрување на политиките и одлуките. Според мене, независноста не значи конфронтација, туку способност да поставуваме прашања, да предлагаме решенија и аргументирано да ги застапуваме интересите на младите. Веруваме во отворен дијалог, внатрепартиска демократија и взаемна почит. СДММ поседува образован, амбициозен, бунтовен и подготвен кадар кој може да аргументира и да се бори за остварување на политики за подобрување на младинскиот стандард, но и за предлагање и избирање на соодветни млади кадри на позиции кои младите ги заслужуваат.

Иселувањето на младите е еден од најголемите предизвици за Македонија. Кои конкретни политики сметате дека се потребни за младите да останат и да ја градат иднината тука?

– Иселувањето и миграциските процеси се глобален тренд со кој се соочуваат и многу поразвиени земји. Во минатото, иселувањето беше главно од економски причини, но сега голем број истражувања покажуваат дека всушност младите ја напуштаат Македонија од многу поразлични причини, со многу поразлични мотиви. Младите сакаат да живеат во држава без корупција, држава во која правдата победува, држава со функционални институции, квалитетни јавни услуги, квалитетно здравство и образование, чиста животна средина и можност нивниот глас да влијае врз одлуките. Во 2024 година, СДММ го креираше Манифестот на социјалдемократијата кој претставува идеолошки документ и се состои од конкретни заложби врз кои СДММ континуирано работи и ги трансформира во реални предлог-политики и решенија. Манифестот е наша обврска за наредниот период и верувам дека заеднички ќе продолжиме да го реализираме. Ако го земеме како основа, мерките против иселувањето треба да се насочат кон овозможување на достоинствена работа, пристојни и конкурентни плати за младите, заштита при прво вработување и платено практикантство, економска сигурност, поддршка за млади претприемачи и стартапи, стратегија за домување, квалитетни јавни услуги и можност секој млад човек да може самостојно да го гради животот тука, дома. Манифестот експлицитно ги истакнува универзалниот минимален приход, пристапот до квалитетни работни места, Концептот „Плата за живот“ и достапните јавни услуги вклучувајќи достапно и пристапно домување, здравство, образование, транспорт и поголеми можности за професионален развој. За да ги задржиме младите да останат, мора да изградиме држава во која тие самите ќе сакаат да се градат и да придонесуваат.

Денес младите се активни на социјалните мрежи, но сè помалку се вклучуваат во традиционалните политички структури. Како планирате СДММ да ја приближи политиката до новите генерации и да го направи младинскиот активизам поинтересен и подостапен?

– Доколку сакаме да ја приближиме политиката до новите генерации и да го направиме младинскиот активизам поинтересен и подостапен, мора и да зборуваме на нивниот јазик, на јазикот на новата генерација, но истовремено и да ги адресираме нивните реални проблеми. Земајќи го предвид фактот дека младите се активни на социјалните мрежи, во мојата програма за мандатот од две години предвидовме дигитална трансформација на СДММ и зголемено присуство на социјални мрежи како Тикток и Инстаграм преку следење на трендови. Ќе се ориентираме кон проблемите со поразличен пристап, со цел да им докажеме дека младинскиот активизам може да биде и интересен и достапен. Активизмот сам по себе значи дека се бориме за она што ни следува, се бориме со предизвиците кои сите нè засегаат и се бориме за подобрување на општеството во кое сите живееме.