Оваа колумна е скромна посвета на нашата најнова, брилијантно апсурдна геополитичка стратегија: како преку патриотски повик за наталитет да создадеме доволно „бугарски државјани од економски причини“ за еден ден да формираме мнозинска влада во Софија.
Да се разбереме уште на самиот почеток: нема пофасцинантен феномен од квазипатриотскиот мачизам и апелот за раст на наталитетот што го слушнавме од премиерот. Беше тоа демографски паничен напад врз свеста, кој најверојатно ќе заврши како раскошна пародија.
Овде и сега.
Имено, премиерот, со онаа добро позната државничка сериозност, исправена става и патетичен тон карактеристичен за средновековните месии, деновиве повторно нè потсети на „светата должност“: раѓајте деца, правете многудетни семејства, пополнете ги празнините во нацијата! Бидејќи, нели, патриотизмот не се мери во владеење на правото, функционално здравство или независно судство, туку во репродукција на нови даночни обврзници.
Но, тука настапува брилијантниот, невиден парадокс на реалноста: ако добро ги следиме социо-економските текови – а науката, за разлика од предизборните говори, се потпира на емпирија – значаен дел од нашите сограѓани, токму поради тие
„просперитетни“ економски амбиенти, популарно кај нас наречени „економски причини“, веќе поседуваат црвен пасош со европски ѕвездички. Да, оној истиот за кој во Софија мораа писмено да потврдат дека нивните дедовци и баби се буделе со длабоко бугарско национално чувство (премиерот тоа добро го знае затоа што проструи информација дека и самиот некогаш пополнил таква изјава). Овие наши сограѓани, условно наречени „економски Бугари“ или попрецизно „Бугари од економски причини“, се спој на егзистенцијална прагма и административна травестија. Сепак, не се за потценување.
И сега, погледнете ја оваа генијална, речиси макијавелистичка стратегија што премиерскиот апел подмолно (или сосема несвесно) ја лансира.
Ако нашата држава навистина се фрли на бескомпромисна наталитетна офанзива и ако секое семејство испорача по три, четири или пет деца, што всушност произведуваме?
Произведуваме нова, свежа, масовна генерација на потенцијални бугарски државјани – секако од економски причини – каде што секое новороденче,
благодарение на едниот или на двајцата родители, автоматски се квалификува за државјанство од другата страна на Деве Баир.
Проектирајте ја оваа демографска бајка за дваесетина години. Нашите „патриотски рожби“, поттикнати од домашната влада, стануваат најбрзорастечката гласачка база во Република Бугарија.
Па зарем ова не е феноменална стратегија?!
Со мала политичка организација, таму формираат сопствена партија – да ја наречеме условно „ВМРО Мајчинска“ – влегуваат во Народното собрание, стануваат клучен коалициски партнер, а зошто да не и апсолутно мнозинство. Впрочем, кога ќе дојде тој миг, актуелната македонска влада — во која и онака веќе седи приличен број бугарски државјани од чисто економски побуди — може само ѓутуре да се самораспушти и институционално да се припои кон бугарската влада на „Дондуков 1“. И ете го триумфот: нашите луѓе во Софија формираат бугарска влада, го укинуваат ветото, ја фрлаат преговарачката рамка во реката Искар, нè признаваат со сите нишани и историски корени, и проблемот е решен!
Засекогаш!
Би рекла, брилијантен триумф на дипломатијата преку репродукција. Вистински тројански бебиња спакувани во пелени и цуцли, подготвени одвнатре да го освојат источниот сосед.
Се разбира, во оваа футуристичка сатира постојат само два ситни, безначајни системски дефекти:
Прво, кој ќе остане овде? Додека нашиот биолошки супстрат триумфално ја презема софиската политичка сцена, македонските градови и села ќе останат тивки како антички рушевини. Ќе имаме премиер кој, доколку не го повлечат да стане премиер на Бугарија (од економски причини), гордо ќе може да им држи говори на празни плоштади и на пензионерите што чекаат бесплатен бањски туризам. Територија без народ – веројатно идеална за владеење, бидејќи празните ниви барем не протестираат за загаден воздух и скапа струја.
И второ – можеби уште потрагикомичното прашање: зошто побогу тие новопечени
„економски Бугари“ би работеле за интересите на оваа држава? Особено кога токму од нејзините „патриотски“ политики, клиентелизам и партиски шерифи морале да спасуваат жива глава со туѓ пасош во џебот. Зошто некој што морал да ја продаде сопствената биографија за да вози камион низ Европа, утре би се секирал за преговарачката рамка на владата на ДПМНЕ?
Апсурдот, вала, е комплетен.
Наталитетната политика кај нас не е ништо друго освен евтин популистички обид да се закрпи цивилизацискиот кратер.
Да се пополни дупката.
Наместо да создадеме општество во кое вреди да се живее, образува и работи, ние ги повикуваме граѓаните на биолошка репродукција како да сме во среден век.
Но, ете, барем имаме стратегија за надворешната политика: ако не можеме да влеземе во Европската Унија како достоинствени граѓани, ќе влеземе еден по еден, секој сам, но со сериозна тенденција да станеме туѓо мнозинство.
Раѓајте, народе – Софија нè чека!


